На гости кај Николина во Германија: Дом на Битолчанка со прозорци под плафонот и поглед кон зеленило (фото)
Иако ретко наоѓам време за хоби, најмногу уживам во „направи сам“ (DIY) проекти. Последен, а воедно и најобемен DIY проект досега, ми се IKEA фотелјата и табуретче, кои само ги обложив со овој моментално доста популарен крзнен материјал. Моментално сите гарнитури и фотелји се од ваков крзнен штоф, а и со самото тоа заштедив доста, доколку би ги купила.
Просторот има отворен концепт со дневна, трпезарија и кујна и, за жал, нема ходник, па едно мало ќоше е прилагодено со она што е карактеристично за секој ходник, со мал плакар за чевли, со место за оставање на клучеви и рамки со мотивациски принтови, кои ги менувам од време на време.
Обожавам природна светлина и доколку би имала сопствена куќа еден ден би била цела од стакло, па погледот од прозорците под плафонот ми е најомилениот и најрелаксирачки дел од домот.
Заради тоа ѕидот под прозорците е празен, не сакам да ставам ништо бидејќи би го одвлекувало вниманието од погледот и зеленилото.
Во зима, кога дрвјата се голи и нема поглед со природно зеленило, на прозорците ставам цвеќиња и заживува малку просторот. Иако станот е доста мал, високите плафони го прават просторот визуелно двојно поголем.
Се одлучив за тросед и фотелја, наместо аголна гарнитура бидејќи сметам дека го прави просторот помалку монотон, а и лесно се менува кон друга страна. Во друг случај би избрала бежова гарнитура, но со мало дете, потемни нијанси се попрактични.
Кујната иако е доста мала, сепак е доволна и доста практична. На ѕидовите нема можност за висечки шкафчиња заради квалитетот на кнауфот, па затоа моравме да ставиме помали полесни полици кои се визуелно привлечни и практични исто така.