На гости кај Николина во Германија: Дом на Битолчанка со прозорци под плафонот и поглед кон зеленило (фото)
- Детали
- сабота, 21 мај 2022
„Станот е 70m2 и се наоѓа во центарот на градот, на приземје, но со посебен влез и мало дворче, што е супер и доста практично кога си со мало дете. Обожавам природна светлина и доколку би имала сопствена куќа еден ден би била цела од стакло, па погледот од прозорците под плафонот кон зеленилото ми е најомилениот и најрелаксирачки дел од домот“, вели Николина Пинзовски (33) од Битола за CRNOBELO.com.
Николина Пинзовски (33) од Битола, која е магистер по сметководство, но моментално работи во логистичкиот центар на Европскиот онлајн гигант „Zalando“, веќе година и пол, заедно со сопругот и нивната 3-годишна ќерка живее во Фрајбург, Германија.
Таа вели дека Фрајбург е студентски град, па затоа е малку тешко да се дојде до стан и е потребно малку повеќе време, но, за среќа, тие успеале да го пронајдат своето среќно катче.
За уредувањето на нејзиниот стан Николина открива за CRNOBELO.com:
„Станот е 70m2 и се наоѓа во центарот на градот, на приземје, но со посебен влез и мало дворче, што е супер и доста практично кога си со мало дете.
Се сметам за доста креативна личност и отсекогаш сум била вљубеник во модата, естетиката, уредувањето и дизајн на ентериерот, едноставно во живот со стил.
Но, не само што сакам уредувањето во домот да e по најнов тренд, исто така сакам да е доста удобен и комфорен.
Воедно ја практикувам филозофијата на хиге (hygge), данскиот начин на доброто живеење, каде е најважно чувството на душевен спокој и среќа и каде се она околу нас има причина за своето постоење и значење.
Значењето на малите и бесценети нешта околу нас, како ставање букет свежо цвеќе во вазна, читањето книга под светлина од свеќа или слушање на дождот како паѓа, готвење ручек со омилената музика на цел глас, бавниот и спокоен начин на живот дома кога сè надвор е пребрзо и прединамично, сè она што нè опушта и смирува, како пиење на шолја кафе со мојата ќерка, а таа топла шолја чоколадо.
Моментално најсреќни сме кога за време на викенд си правиме пуканки и ги гледаме омилените филмови на Дизни, како и со најнезаменливите долги прошетки со велосипед и игри во паркот.
Целиот ентериер во домот не би имал смисла ако во самиот дом нема чувство на топлина.
Приврзаник сум на повеќе стилови на уредување: бохо, индустриски, модерен и минималистички, но најмногу се пронаоѓам во скандинавскиот стил.
Затоа можете да забележете доста бохо елементи, природни материјали, дрво и трска и црни детали како дел од индустрискиот стил и кујната, а и самиот плафон беше веќе во индустриски стил, но преовладуваат основите на скандинавскиот стил, белата, бежовата и сивата боја.
Мебелот и декорациите се најчесто од IKEA, JYSK и слични локални дуќанчиња. Доста често посетувам и маркети на рачни изработки и колекционер сум на вазни и свеќници, а која жена не е вљубеник во вакви работи?