На гости кај Ивана: Семејна куќа во Струмица со дела од македонски уметници и совршена спална соба (фото)
- Детали
- сабота, 26 март 2022
„Јас бев архитектот задолжен за уредување на мојот семеен дом. Најмногу уживав во дизајнирањето на спалната соба. Ги сакам темните тонови и сакав во една просторија да преовладуваат темните нијанси“, раскажува Ивана Никова (24) за уредувањето на семејната куќа од 100 m2 во Струмица.
Ивана Никова (24) e дипломиран внатрешен архитект и живее со своето семејство во куќа од 100 m2 во Струмица.
Таа има свое студио за внатрешен дизајн и работи во семејната фирма за производство на мебел, па токму таа била архитектот задолжен за уредување на нејзиниот семеен дом.
Со помош на тиркизната боја, Ивана внела свежина во целиот ентериер. Омилени ѝ се сувенирите од патувања, како и делата од македонските уметници.
За уредувањето на нејзиниот дом таа открива за CRNOBELO.com:
„Го создадов вистинскиот амбиент во просторот со тоа што внимателно ја избрав палетата на бои, мебел и додатоци, кои можат да го трансформираат секој простор за живеење.
Малите детали во внатрешноста на домот имаат моќ целосно да го трансформираат расположението, тонот и атмосферата на собата.
Предметите како што се перничињата, лустерите, теписите, растенијата и уметничките дела честопати се токму работите што ја врзуваат цела соба заедно, правејќи различни предмети да градат една хармонична целина што го надополнува и балансира целиот простор.
Најмногу уживав во дизајнирањето на спалната соба. Ги сакам темните тонови и сакав во една просторија да преовладуваат темните нијанси.
Во спалната соба се среќаваат црната и сива боја во комбинација на дрвени панели од масивно дрво орев, кои му даваат одличен склоп на ентериерот. Тие ми се омилени комбинации кои често ги користам и во моите проекти.
Секогаш кога започнувам нов проект, ги комбинирам функционалноста, едноставноста и естетиката. Тие се клучни точки за да се оформи добар дизајн на ентериер.