На гости кај Грета: Семејна куќа во Крива Паланка со две внимателно уредени детски соби (фото)
- Детали
- сабота, 01 мај 2021
„Во детската соба на мојот син преовладува нордискиот стил, сите елементи и ѕидовите се бели, а сета таа белина е разиграна со окер детали. Мора да признаам дека тоа ми е и омиленото катче на нашиот кат, кое го уредив со вистинско задоволство и уживање“, вели 31-годишната Грета.
Грета Величковски 31 година, по професија професор по англиски јазик, живее со својот сопруг и двете дечиња на кат од 160 м2 во семејна куќа во Крива Паланка.
Во уредувањето на нејзиниот дом преовладуваат земјените тонови, а фокусот е на уредувањето на двете детски соби, каде нејзините ќерка и син би имале свој мал совршен свет.
За уредувањето на нејзиниот дом таа открива за CRNOBELO.com:
„Со сопругот навистина уживавме во уредувањето на просторот и што е уште поважно многу се согласувавме со идеите и вкусовите.
Уште веднаш се договоривме дека најголем акцент ќе дадеме на дневниот простор, бидејќи таму го поминуваме најголемиот дел од времето.
Затоа сакавме дневната соба да биде отворена, пространа и светла со топли бои и многу зеленило кое ќе го освежи сето тоа.
Нашиот избор беа светол мебел и светли елементи во контраст со темен даб. За секој наш избор пресудни беа удобноста и функционалноста пред сè.
Ако мора да истакнам некој детаљ од мојот дом, тоа се двете прекрасни тераси, каде постојано ги поминуваме летните денови, од утринско кафе, па сè до пријатна вечера. Во топлите денови тоа е незаменливиот дел од нашиот дом.