На гости кај Пале: Стан од 116m2 во Струмица во класичен стил со драпери, мебел од цреша и раскошни детали (фото)
Трпезариската маса е исто така од истата гарнитура „Кардиф“ заедно со останатиот мебел.
Со преградувањето на кујната со ѕид од гипс картон се доби полуотворена кујна, и таа мораше да биде во склоп со елементите од мебелот во дневната соба. Затоа избравме фурниран медијапан и го исфарбавме во иста боја како останатите елементи.
Едниот ѕид го обложивме со тапети во велвет стил, а останатите ги обоивме со светла крем боја, што дава поубава светлина во просторот, а мебелот со боја на цреша се истакнува и привлекува внимание.
На спојот на ѕидовите со плафонот поставивме гипсени лајсни во стил на орнаментика, а моделот ни го изработија по моделот на гранцот (лајсната) од високите комоди.
Со љубов го преуредувам просторот со елементите што веќе ги имам. Уживам во малите декоративни детали и украси, а претежно се во златна боја.
Лустерите како висечки украси ги избрав рустикални со кремасти платнени абажури и кристали.
Тие даваат посебен впечаток во класичниот ентериер. Сликите на ѕидовите се рачно работени од познат наш уметник, и се компактни со целиот ентериер.
Во стаклената витрина се сместени кристални чаши и чинии кои асоцираат на кристалната ренесанса и барокот.
Посебен акцент давам на пердињата и драпериите, бидејќи тие секогаш ја комплетираат убавината и елеганцијата на просторот.
Даваат ексклузивен изглед на просторот, а ја штитат и приватноста од надворешната љубопитност.
Со тек на време за себе изработив неколку пара на драперии во различни бои. Портокаловата боја дава топол контраст помеѓу црешата од дрвениот мебел и светло кремастата боја од теписите и ѕидовите, и прекрасно се вклопува во просторот.
Зелените драперии ги поставувам кога сакам поголема светлина и смиреност во просторот. За новогодишните празници ги користам драперите во златна боја, која дава полуксузен раскош во просторот.