На гости кај пејачката Мими Јовановска: Куќа во Скопје со бел ентериер и соба гардеробер (фото)
- Детали
- сабота, 30 ноември 2024
„Дневната соба има прозорец од под до таван и лизгачка врата кои нè поврзуваат со надворешноста. Има природна светлина и лесен премин во нашиот двор“, вели Мими Јовановска за CRNOBELO.com.
Пејачката Мими Јовановска со сопругот Филип и синот Никола (1) неодамна се вселија во нова семејна куќа во Скопје.
Тие велат дека создале простор кој навистина ги одразува нивните соништа и начин на живот.
Во совршено уредениот простор доминира белата боја.
За уредувањето на домот Мими за CRNOBELO.com открива:
„Од самиот почеток, имавме јасна визија за нашиот дом – спокојно прибежиште кое балансира функционалност и елеганција.
За да го постигнеме ова, знаевме дека мора да соработувавме со архитект.
На тој начин процесот беше исклучително едноставен, а секоја одлука поткрепена со искуство и експертиза во сферата на архитектурата.
Архитектката Анастасија ни помогна во тоа секое парче мебел да биде уникатно, изработено специјално за да ги задоволи нашите потреби и естетски преференции.
Неодамна сме преселени и сè уште се навикнуваме, со нетрпение очекуваме да го доживееме топлиот амбиент за претстојните празници.
Нашиот дизајн е инспириран од едноставноста на секојдневниот живот, под влијание на скандинавскиот стил, како и од мојата страст за уредност и чистота.
Како музичари, важно е за нас со Филип да се вратиме во дом кој нуди спокојство.
Избравме палета од бели, крем и светло кафени тонови, акцентирани со златни и црни метални елементи. Златните детали низ целиот дом додаваат софистицираност, зголемувајќи ја топлината.
Луксузните лајсни на ѕидовите во секоја соба ја зголемуваат елеганцијата, обезбедувајќи безвременска позадина.
Оваа неутрална палета ни дозволува лесно да го промениме декорот; на пример, за Божиќ, можеме да додадеме украси или перничиња за да создадеме празнична атмосфера, а на пролет, да го освежиме просторот со нов декор за сосема различно чувство.
Нашиот влез е практичен и стилски. Влегувајќи од предниот двор, ве пречекува огледало од под до таван поделено со две мали фиоки, идеални за лесен пристап или складирање на клучеви и други неопходни работи.
Оваа поставка не само што додава допир на софистицираност, туку и обезбедува функционалност за нашите дневни рутини.