Дворче во демирхисарско е вистински рај за очи – Драган Петковски 10 години напорно работел за да го уреди
- Детали
- петок, 03 мај 2024
Дворчето на Драган Петковски во демирхисарското село Прибилци мами воздишки со својата убавина. Зеленило, камена патека, бунарче, летниковец, но и фонтана од камен... Се гледа дека сопственикот напорно работел за да го уреди овој простор.
Драган Петковски од Скопје е бизнисмен, кој не штедел на потрошеното време за да го уреди дворот во неговата куќа во демирхисарско Прибилци. Тој во изјава за CRNOBELO, открива дека за да го направи уникатниот простор го користел слободното време, кога одел таму да се одмори и да се релаксира.
„За сè ова да изгледа конкретно вака ми беа потребни 10 години. Немав конкретна замисла како да изгледа мојот двор. Секој дел од него постепено го надополнував со сè она што ќе видев и замислував дека можам да го вклопам во просторот“ – вели тој.
На прашањето кој дел од дворот му е омилен, тој вели дека не би можел да издвои само еден дел бидејќи се гордее и во целост му е драг просторот што со својата макотрпна работа успеал да го изгради.
Дека напорната работа дала резултат, доказ се и фотографиите што тој ги сподели со читателите на CRNOBELO.com, а во кои може да се види дека просторот е совршено декориран и уреден.