Во домот на Тео од Скопје: Шик уреден стан во кој се спојуваат бохо и скандинавскиот стил со најновата паметна технологија
- Детали
- сабота, 27 јануари 2024
„Дневната соба е срцето на домот, отворен простор поврзан со два ходника и отворена кујна. Скандинавското влијание е видливо насекаде - во дневната соба тоа е белата мермерна клуб маса, плетените корпи од трска исполнети со многу растенија, волнени теписи и ќебиња со крупни плетки, декоративни држачи за растенија од макраме и бои инспирирани од природата“, вели Тео Трпески за својот дом во Скопје.
Тео Трпевски (34) живее во модерен стан од 52m2 во населбата Карпош 3, уреден во бохо стил, со многу детали. Токму тие ја даваат топлината во домот, а Тео, пак, вели дека неговиот дом „има мирис на ванила и бебешка пудра“.
Тео за себе вели дека е креативна и несекојдневна индивидуа. Тој е графички и UI (кориснички интерфејс) дизајнер, програмер и дрег уметник/кралица позната како Tia Doll.
А, станот во кој живее потполно ги одразува неговите креативност, уникатност и смиреност.
За уредувањето на својот дом, тој раскажа во разговор за CRNOBELO.com:
„Станот, кој се простира на 52m2, со внатрешен простор од 42m2, е со скандинавски дизајн комбиниран со елементи на бохо appe like естетика.
Има мирис на бебешка пудра и ванила која е во мали дози и делува смирувачки, како да сте завиени во меко ќебенце.
Дневната соба е срцето на домот, отворен простор поврзан со два ходника и отворена кујна.
Воздушеста и лесна атмосфера која делува смирувачки, со топли светла, дрво, органски и мек текстил и изобилство од бел мебел кој се губи во просторот.
Во целиот стан е интегриран smart-home преку Apple екосистемот, со паметни додатоци кои ги контролираат светлата и апаратите на приклучоците, два Apple TV приклучени на два телевизора, паметни ролетни на секој прозорец, два бели HomePods паметни звучници, камери и други уреди, кои може да ги контролирате со гласна команда преку Siri или Apple уредите (телефони, компјутери...).
Скандинавското влијание е видливо во естетиката на станот.
Во дневната соба, тоа е белата мермерна клуб маса, плетените корпи од трска исполнети со многу растенија, волнени теписи и ќебиња со крупни плетки, декоративни држачи за растенија од макраме и бои инспирирани од природата, морето, шумите.
Принтови од растенија, морски бранови и сукуленти ги красат ѕидовите, а посебен пријатен елемент е скалата украсена со бели топки кои светат давајќи го оној Hygge момент.