Празничниот дом на Боро во Скопје воодушевува: „На елката доминира стаклен украс од Шведска“
- Детали
- вторник, 26 декември 2023
„Веќе од средината на септември ја имам замислата за празнично украсување на домот. Дел од рачните изработки се моја идеја, а ги изработува сопругата. Си давам подолг период на подготовка за кога ќе дојде моментот за украсување, да знам како сè ќе изгледа совршено“, вели Боро Секуловски кој секоја година има импресивно уреден дом.
Боро Секуловски секоја година има импресивно украсен дом за празниците.
Во пресрет на 2024-та, тој повторно го уреди домот како вистинска бајка, но овој пат со традиционални бои и декорации, кои го одземаат здивот.
За неговиот стилски уреден празничен дом, кој се наоѓа во населбата Ново Лисиче, Боро (кој на Инстаграм е познат како @boro.kosa) за CRNOBELO.com вели:
„Годинава се навраќам на традиционалните бои за декорација, па доминираат четири бои и тоа белата, зелената, златната, а по малку и црвената во 'oversize' украсите.
Традиционалната елка е главниот украс во домот и е украсена со бели и златни лампиони, без дополнителни ленти околу неа.
Голем впечатокот даваат големите плишани црвени машни кои се надополнети со зеленило и големи златни ѕвонци.
Оваа година оставам простор и за голема тркалезна трпезариска маса, каде што за викендите се собираме со нашите блиски.
Масата добива елегантен изглед поради плишаниот чаршаф и белиот винтиџ сервис за ручеците и вечерите, надополнет со златен есцајг“.
Околу самото украсување на домот:
„Кога станува збор за подготовките за секој период од годината, отприлика ми треба еден месец за подготовка.
Но, за божиќните и новогодишните празници, искрено, веќе од средината на септември ја имам замислата и тогаш стартуваме со навремена набавка на материјалите. Дел од рачните изработки се моја идеја, а изработката е на мојата сопруга.
Искрено, си давам подолг период на подготовка, па кога ќе дојде моментот за новогодишната и божиќната декорација, задоволен сум бидејќи претходно веќе сум ја замислил декорацијата и во кој дел од домот би изгледало тоа совршено според мојата замисла.
Се случува понекогаш (иако многу ретко) да не сум баш задоволен од тоа што сум го замислил, ама брзо може да се направи корекција или промена за да изгледа тоа добро за моето око.
Да не звучам скромно, но во денешно време нема скоро ништо без средства, сè чини повеќе или помалку. Можете да најдете и поскапо и поевтино. Секоја година не купувам целокупно нова декорација, туку постоечката декорација ја надополнувам со нови детали.
Како што се менува модата на гардеробата, така се менува и модата на декорот. Но, доколку декорот е умерен и со стил секоја година, нема да имате потреба да трошите многу пари на декорации“.