На гости кај Јасмина и Дејан: Стан од 70m2 во Скопје со темни тонови и совршен поглед (фото)
- Детали
- сабота, 08 април 2023
„Пред 5 години кога го уредувавме празниот стан, се водевме по водечките трендови на студени и потемни бои и оттука избравме мебел во сива, сина, црна боја во комбинација на елементи од дрво. Но, во нашиот дом има топлина и насмевки и тоа ни е најважно“, споделува за CRNOBELO.com Јасмина Божиновска (26).
Јасмина Божиновска (26), по професија психолог/семеен и системски советник, мајка на Клара и сопруга на Дејан, со семејството живее во стан во Скопје.
На Јасмина и на Дејан омилен им е отворениот поглед, но и топлината која си ја создале во него, иако доминираат темни и студени бои.
За уредувањето на нивниот дом Јасмина вели за CRNOBELO.com:
„Првата голема одлука која ја донесовме со сопругот беше одлуката да имаме свој дом, пред да имаме свое семејство.
Оттука и идејата тоа да биде во Скопје, недалеку од центарот на градот на 10-ти кат, во стан кој ни нуди удобност од 70m2 и поглед кон Скопје, заедно со сите негови градби.
Иако наскоро ќе се селиме во нов стан, овој стан ќе остане нашиот прв дом и токму поради силната приврзаност одлучивме да го зачуваме, затоа што еден ден веројатно носталгично ќе му се вратиме.
Секој дел од станот е уреден со голема љубов и внимание. Пред 5 години кога го уредувавме празниот стан се водевме по водечките трендови на ладни и потемни бои и оттука избравме мебел во сива, сина, црна боја во комбинација на елементи од дрво, но најважно од сè се водевме од идејата овој стан да биде место во светот, што за нас ќе асоцира на дом и семејство.
Затоа и покрај палетата на бои, нашиот дом плени со топла енергија и среќна детска насмевка. Оттука можам да кажам дека воедно стана место на нашите исполнети соништа.
Во дневниот престој на станот преовладуваат сината и сивата боја и масите изработени од дрво.
Мебелот е минималистички, надополнет со детали, кои нудат чувство на топлина и удобност.
Она што е специфично и карактеристично за нашиот дом се семејните фотографии, што се забележуваат во дневната соба, претежно црно-бели фотографии од значајни моменти за нас.
Во кујната преовладуваат елементи изработени од дрво и медијапан во сива и бела боја. Се трудевме максимално да го искористиме просторот кој го имавме на располагање, па така повеќето елементи се вградени.