Природна аптека во вашиот двор: 5 Билки за здрав живот
Овие 5 билки не бараат премногу простор, па така доколку немате двор секогаш можете да си набавите поголеми саксии и истите да ги посадите на вашата тераса.
Направете си мини аптека во вашиот зелен простор и добијте огромна корист за вас и вашето семејство со овие билки:
1. Невен
Каде и да го посадите, невенот ќе биде прекрасен украс благодарение на неговите жолти цветови, кои ќе ја красат вашата градина од јуни па сѐ до првите мразови.
Жолтите цветови на невенот ќе ви дадат и најточна временска прогноза: ако цветовите се затворени и после 7 часот наутро, тогаш тој ден ќе врне дожд.
Од невенот можете да си подготвите чај кој го зајакнува имунитетот, го смирува желудникот и цревата. Оваа билка е одличен сојузник во борбата против разни воспаленија и ја регулира менструацијата.
2. Лаванда
Лавандата ги одбива разните инсекти и ја спречува појавата на мравки околу останатите растенија. Цветовите се берат пред целосно да се отворат и да расцутат, а потоа се сушат и од нив се прави чај, кој се користи против мигрена, несоница и при стрес.
3. Жалфија
Жалфијата се бере кога никнуваат првите млади израстоци и листови, кои треба да се остават во ладовина и да се исушат.
Чајот од жалфија се подготвува на тој начин што се става во непокриено тенџерче да врие 3 минути. Таа веднаш делува лековито врз воспаление на грло, отежнато дишење и при болки во стомакот.
4. Мајчина душица
Станува збор за растение кое расте во вид на мала грмушка со виолетово-црвени цветови и силен мирис. Чајот од мајчина душица одлично делува против воспаленија на дишните органи како и при кашлица. Доколку имате нередовен циклус тогаш пијте еднаш дневно чај од сушена камилица.
5. Нане
Нането се одликува со силен мирис кој разладува и инстантно го олеснува дишењето. Листовите на нането се берат пред тоа да расцути, а делува против менструални болки, грчеви во стомакот, слабо варење на храната и при тешкотии со дишењето.
Иако чајот од нането е многу популарен и делува освежувачки, сепак треба да внимавате, бидејќи преголемата количина делува лошо врз срцето.