Како да се ослободите од вишокот работи дома без каење?
Сте размислиле ли колку предмети имате во вашиот дом? Надвор од апаратите за домаќинство, колку предмети од типот на украси, непотребни парчиња мебел и додатоци ви го задушуваат просторот во домот?
Во просек дневно трошиме околу 40 минути на чистење на домот, а дури 10 дена годишно ни поминуваат во истата таа обврска. Факт е дека имаме премногу работи дома, а колку повеќе работи поседуваме = толку повеќе време за одржување и чистење ни е потребно.
Какви работи всушност чуваме? Некои ситни парички, значки, беџови, стари играчки, реликвии од минатото за кои веруваме дека еден ден ќе ни бидат потребни или ќе добијат некаква вредност.
Облека за која мислиме дека ќе се врати повторно во мода, многу стари клинци и шајки или работи за кои сме сентиментално поврзани како стари билети од концерти и претстави, честитки и разгледници…
Некои од овие работи особено оние за кои ве врзуваат пријатни спомени не припаѓаат во категоријата ѓубре, но прашање е дали и колку се корисни за сопствениците?
Навистина не е лесно да се ослободите од 30.000+ предмети во домот, а најчесто игнорираме 3 проблеми поврзани со вишокот работи:
Претеруваме со нивната реална вредност и потреба, верувајќи дека ќе ни се најдат во иднина
Го занемаруваме просторот кој го зафаќаат за складирање
Го игнорираме фактот дека ни е потребно дополнително време за средување и чистење или ги занемаруваме што води до хаос и нечистотија.
Сепак, постои начин како да се справиме со овој огромен проблем.
Еве што треба искрено да се запрашате:
1. Кога последен пат сте го употребиле предметот?
2. Колку често го користите?
3. Колку е лесно достапен и колку чини повторно да се набави?
4. Колку простор зафаќа за складирање и за одржување?
Согласно оваа едноставна равенка, еве како одат одговорите поврзани, на пример, со облеката:
Ја носев оваа блуза пред 2 години.
Дури и тогаш, не ја носев премногу често. Всушност, ја облеков 2 пати во 6 месеци.
Можам да купам веднаш нова, па дури и поубава и поквалитетна.
Оваа блуза и неколку слични на неа ги чувам под креветот, но иако се вакумирани во кеса, зафаќаат околу 1/6 од просторот за складирање и воедно морам да ги преперувам на почетокот на секоја нова сезона.
Доколку се пронајдовте во оваа ситуација, време е да се ослободите од овие парчиња облека? Едноставно е, тие нема да добијат никаква повисока вредност или употреба во иднина. Доколку ви е мака да ги фрлите, едноставно донирајте ги онаму каде што има потреба.
Доколку имате предмет кон кој чувствувате емоционална поврзаност (односно е подарок од некој кој ви значи/значел) обидете се да го запомните ова: Во моментот кога некој ви го дал на подарок, тој веќе ја постигнал целта.
2 години подоцна, тоа е само парче облека или предмет кое ја губи вредноста и квалитетот, а ви зафаќа само простор и ви создава главоболки.
Ова секако не важи за книги, накит и таков тип на предмети. Но, празното шишенце парфем, кутијата од подарокот и исушениот букет рози закачен на ѕидот или во вазната навистина не ви се потребни по дома, нели?
Кога го полниме домот со непотребни работи? Кога некој предмет повеќе САКАМЕ да го имаме, отколку што навистина ни е ПОТРЕБЕН.
За да се избориме во оваа дилема, не треба да правиме импулсивни купувања. Дозволете да помине една недела пред да купите нов сервис за кафе. Видете дали стариот ја врши работата доволно добро. Доколку сепак се решите да го купите новиот, инстантно ослободете се од стариот.
Не е важно што се скршени само 2 шолјички, а другите 4 се здрави. Едноставно е – не ви се потребни, кога веќе имате 6 нови.
Ослободувањето од вишокот работи не значи само заштеда на пари и простор. Еве го најважниот момент – тој ја штеди вашата ментална енергија.
Сте помислиле ли колку ментална и физичка енергија трошите во средување и организирање на плакарот? Колку долго трае процесот на подготовка и отпочнување?
Веројатно сите сте слушнале некој друг (или себеси) како велиме дека овој викенд треба да ја смениме летната со зимската гардероба и целиот ќе ни отиде во средување облека.
Замислете колку време и енергија ќе заштедите ако количината на облеката која ја менувате е на половина од онаа што ви го исполнува плакарот.
Скоро во секој дом се јавува истиот проблем. Знаеме дека имаме вишок работи кои не ги користиме, ниту пак ќе ни притребаат во иднина. Знаеме дека треба да го средиме домот и да се ослободиме од нив. Но, секогаш наоѓаме нови начини да го одложиме овој процес и едноставно го игнорираме.
Повторувајте си ги четирите прашања кои ги набројавме погоре и согласно нивните одговори, може да имате куќа преполна работи кои ви се допаѓаат или/и ви е тешко да ги фрлите, или куќа со малку работи кои се практични и секојдневно ви користат.
Изборот е ваш.
(О)Милена | Црнобело