Средства за чистење кои може да ги направите сами за бањата да ви свети
Одржувањето на бањата чиста е навистина тешко и бара многу време и напор. Сепак не секогаш вложеното време и напор резултираат со навистина чиста бања.
Голем број од средствата за чистење не се покажуваат баш така ефикасни како што се претставени на рекламите па и покрај сè што сте направиле, вашата бања не го добила сјајот кој го сакате.
Токму затоа ние ви нудиме лесни трикови за чистење со производи кои сигурно ги имате по дома и со кои вашата бања ќе стане чиста како никогаш досега.
1. Огледала без дамки
Ако не сте задоволни од средствата за чистење прозори и дамките и линиите кои тие ги оставаат врз огледалото, едноставно направете раствор од сода бикарбона и хидроген пероксид. Испрскајте и само лесно избришете со крпа.
Друг производ кој можете да го искористите за чистење на огледалата е пената за бричење. Не само што таа ќе направи огледалото навистина да сјае туку и ќе спречи негово замаглување следниот пат кога ќе се туширате.
2. Блескава када
Измешајте половина чаша оцетна киселина, 1 чаша 70% алкохол и 1/4 чаша сода бикарбона. Додадете ја смесата во 4 литри топла вода и нанесете ја подеднакво врз кадата. Оставете да дејствува 15 минути и потоа добро исплакнете.
3. Чиста тоалетна школка
Средството за плакнење на устата е одлично за чистење и на школката. Растворете од него во вода, нанесете ја смесата врз нечистите површини и оставете да делува 30 минути. Потоа убаво истријте со четката и исплакнете ја површината.
4. Беспрекорни плочки
Топче памук натопено во средство за избелување ќе ви помогне да ги одржите плочките совршено сјајни и чисти. За оваа цел можете да го искористите и средството за плакнење на устата или пастата за заби.
5. Ослободете се од досадната ’рѓа
Ослободувањето од ’рѓата може да биде многу полесно од тоа што мислите. Само нанесете малку сол врз местото каде таа се појавила, истријте и нанесете неколку капки лимон. Лимоновиот сок е тој кој ја раствора, а солта ги апсорбира наслагите од ’рѓата. Оставете ја смесата да делува во текот на ноќта и измијте ја површината следниот ден.
6. Плафон без прав
За да исчистите плафонот од наталожениот прав, направете смеса од оцетна киселина и топа вода во сооднос 1:1. Натопете ја четката во подготвениот раствор и започнете со чистење. Сепак имајте на ум дека при овој процес морате да имате безбедносни очила за да ги заштитите очите.
7. Чистење на завесите од туш-кабината
Во шише со прскалка измешајте 500 ml средство за избелување и 2 лажици детергент за садови. Испрскајте го овој раствор врз целата површина на завесата, оставете да делува неколку минути а потоа исплакнете. Вашата завеса повторно ќе изгледа како нова.
М. С. | Црнобело