Совети како да се грижите за подот да делува како да е нов и по долго време

Без оглед дали дома имате (или сакате да ставите) паркет, ламинат или линолеум, секој од нив бара специфична грижа. Што треба да направите за подот долго време да изгледа како да е нов?

soveti-kako-da-se-grizhite-za-podot-za-da-deluva-kako-da-e-nov-i-po-dolgo-vreme-01_copy.jpg

По чистењето домот секогаш ви блеска, но со текот на годините сфаќате дека подот веќе го нема истиот сјај како на почетокот.

За среќа, постојат неколку трикови (и совети) кои можете да ги примените за да имате убав под и после многу години.

Важно е да знаете каков е вашиот под и врз база на тоа да го исчистите.

Па, ако имате паркет, ламинат или линолеум, ова се советите за вас:

Како да го исчистите ламинатот?

Најпрво почнете со суво чистење - поминете преку ламинатот со правосмукалка или изметете го со метла за да ги отстраните трошките, камчињата, прашината, влакната, односно сите работи кои може да го изгребат при темелното чистење и да остават трага.

По ова поминете преку ламинатот со џогер со мека крпа од микрофибер.

Крпата треба да е влажна и на неа да нема премногу вода за да не го оштети ламинатот, односно поради многу вода тој може да се деформира, да се „крене“, а парчињата да почнат да се одвојуваат едно од друго или ако вишокот вода не се исуши добро, на местата каде што се спојуваат може да се создаде мувла.

Кога го поминувате со влажна крпа можете да користите и средства за чистење, но внимавајте на пакувањето да е нагласено дека се за чистење ламинат.

Следниот чекор е да ја „соберете“ водата, односно, пребришете го со сува крпа.

Совети плус:

  • Избегнувајте да ја менувате нагло температурата и влажноста во просторијата.
  • Ако ви се истури течност на ламинатот, веднаш избришете го со сува крпа или хартиено шамивче.
  • Не го пребришувајте ламинатот со абразивни средства за да не го изгребете.
  • Избегнувајте и средства со киселини, ацетон и белило, кои може да остават „изгореници“ и дамки.

soveti-kako-da-se-grizhite-za-podot-za-da-deluva-kako-da-e-nov-i-po-dolgo-vreme-02_copy.jpg

Како да го исчистите паркетот?

Паркетот е изработен од дрво, па не поднесува влага.

Затоа, кога ќе почнете да го чистите, пребришете го со влажна крпа (која ќе биде добро исцедена), а потоа поминете го и со сува крпа.

Користете средства кои се наменети за чистење паркет или дрво.

Совети плус:

  • Влажноста на воздухот во просториите во кои има паркет треба да е меѓу 30% и 60%, а температурата да варира од 18 до 25 степени Целзиусови, бидејќи драстичната промена на температурите ги уништува влакната на дрвото, а со тоа и подот.
  • Ако влезете со валкани чевли и внесете кал или песок, веднаш исчистете го со мека крпа, за да не се изгребе паркетот.
  • Кога го пребришувате со мокра крпа, никогаш не користете средства за чистење на база на масло, средства со киселина и со хлор (белило).
  • На секои 3 години препорачливо е паркетот да се иструга, а потоа да се премачка со заштитен слој.

soveti-kako-da-se-grizhite-za-podot-za-da-deluva-kako-da-e-nov-i-po-dolgo-vreme-03_copy.jpg

Како да го исчистите линиолеумот?

Линиолеумот се чисти со млака (никако не жешка) вода и со неутрални детергенти (на пример, течен детски сапун).

Откако ќе го поминете со вода, мора да го пребришете и со сува крпа за побрзо да се исуши.

Повремено можете да го пребришете со специјално средство за полирање, кое ќе му даде сјај.

Совети плус:

  • Линолеумот не поднесува ниски температури (под 0) ни директна изложеноста на сонце - од ова неговата површина може да почне да пука.
  • Мора да се пребришува барем 2-3 пати неделно, бидејќи наталожените маснотии, остатоците од истурен сок, кафе или чај, може да го „нагризат“ површинскиот слој.
  • Не смеете да го чистите со абразивни средства, ниту со четки со крути влакна, бидејќи тие може да го изгребат.
  • Ако имате под од линолеум, избегнувајте да ги влечете масата и столчињата преку него, бидејќи ногарките, исто така, може да го изгребат подот.

soveti-kako-da-se-grizhite-za-podot-za-da-deluva-kako-da-e-nov-i-po-dolgo-vreme-04_copy.jpg

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Крзнени парчиња, синтетички јакни - Како да ја перете зимската облека без да ја оштетите? Волнениот капут перете го со бебешки шампон, крзнените парчиња однесете ги на хе...
6 совети со кои облеката ќе ви остане снежно бела како на првото носење Дали белата облека ви потемнува брзо откако ќе ја купите и веќе ја нема истата с...
10 детали кои го уништуваат изгледот дури и на најубавиот ентериер Несредена работна површина во кујната, прашина на собните цвеќиња... Кои се најч...
9 лесни трикови со кои ќе ја подобрите грижата за облеката Пеглата ви е валкана и остава дамки на облеката, немате доволно простор на сушар...
Застарени парчиња мебел од кои (конечно) мора да се ослободите Пред да ја фрлите омилената фотелја, сетете се дека после години и години седење...
Знаци дека имате мувла во домот + како да се ослободите од неа Поставете сензори за температура и влажност во вашиот дом, па користете ги да го...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg