Трикови со кои во кујната сè ќе ви биде како „под конец“
Чистете ја корпата за отпадоци со парче лимон и искористете ја внатрешноста од вратите на шкафчињата за складирање. Трикови со кои ќе го средите хаосот во кујната.
Ако имате мала кујна или, пак, имате многу работи во неа кои не ви се фрлаат, сигурно имате проблем со складирањето, па и чистењето.
Неколку трикови кои ќе ви помогнат да го средите хаосот во кујната:
Искористете ги вратите во шкафчињата
Пробајте максимално да го искористите просторот во шкафчињата.
Наместо сè да трупате во самите шкафчиња, можете да ставите закачалки на вратата и да закачите мала полица за зачини и други помали предмети.
Исто така, можете да си направите држачи за капаците од тавите и тенџерињата кои инаку зафаќаат многу простор.
Со ова, шкафчето ќе ви биде поорганизирано, ќе собира повеќе предмети внатре, а и работите ќе ви бидат полесно достапни.
Однапред подгответе ги свежите зачини за готвење
Свежите зачини зафаќаат многу повеќе простор, а рокот на траење секако им е пократок.
Но, можете да си го олесните готвењето, да ги складирате на помал простор и да им го продолжите рокот на траење ако ги исечете однапред.
Ситно исечканите зачини ставете ги во сад за мраз, па додајте малку маслиново масло и замрзнете ги.
Кога ќе готвите, само ставете коцка во тавата.
Импровизирана закачалка во шкафчињата
Во шкафчињата ставете метална или дрвена шипка како закачалка.
И, на неа можете да ги закачите шишињата со распрскувач, како на фотката подолу.
Или, можете да ставите куки, па на нив да закачите шолји.
Мешавина од сода бикарбона и оцет за одводите
Не е препорачливо често да користите средства за одзатнување бидејќи сепак содржат хемикалии кои ѝ штетат на околината.
Но, еднаш неделно можете да ги „освежете“ одводите со мешавина од исто количество сода бикарбона и бел оцет.
Во одводот истурете сода бикарбона, па оцет и оставете да делува пет минути. На крај истурете жешка вода.
Оваа мешавина ќе ги отстрани непријатните мириси, но и ќе го спречи затнувањето.
Исчистете ја корпата за отпадоци со лимон
Ако не сакате да користите силни средства, можете да ја исчистите корпата за отпадоци со лимон.
Прво исплакнете ја со вода, па поминете низ целата корпа со половина лимон.
Лимонот ќе ја дезинфицира, а притоа ќе остави и убав мирис.
Исто така, ќе ѝ го врати сјајот ако станува збор за корпа од метал.
Сламки за затворање амбалажи
Амбалажите кои се како кеси е речиси невозможно да ги затворите, но во ова може да ви помогне обична сламка за пиење.
Исечете една сламка по должината, како на фотката.
Со неисечена сламка, завиткајте го горниот дел на кесата, каде што е отворена. На крај прицврстете ја неисечената сламката со исечената.
Закачете мали полици во кујната
Малите метални полици кои можете да ги монтирате и сами се евтино и практично решение ако ви недостасува простор во кујната.
Притоа, можете да одберете боја што ќе се совпаѓа со вашата кујна.
Спирова С. | Црнобело