7 трикови со боја на ѕидовите за визуелно да ја смените големината на собата
Знаете ли како да ја „зголемите“ собата со помош на боја? Или како да ја издолжите? Пред да почнете да кречите, прочитајте ги овие практични трикови.
Просторот во којшто живеете е толкав колкав што е, и тука не можете да смените (скоро) ништо. Бојата на собата не може да ја смени нејзината големина, но може да игра голема улога во тоа како го доживувате просторот.
Зависно од тоа како ќе ги обоите ѕидовите и таванот, лесно можете визуелно да го смените изгледот за собата да ви делува поголема, помала, потесна, подолга...
Овие трикови може да ви бидат од полза следниот пат кога ќе бојадисувате дома, за визуелно да ја смените големината на собите.
Како да го направите тоа?
За собата да делува дека е поголема
За собата да ви изгледа визуелно поголема, користете бела боја за сите ѕидови и за таванот. Или ако не сакате бела, изберете која било бледа нијанса.
Дополнително, и материјалот за подот мора да е во светла нијанса, или пак да биде прекриен со светол килим.
За собата да делува дека е повисока
Ако сакате да добиете впечаток на повисоки ѕидови, изберете две бои. Едната од нив мора да е бела или многу светла, а другата во темна нијанса.
Ѕидовите бојадисајте ги со темната боја, таванот со светлата, а и подот треба да е светол.
Со овој трик просторот ќе изгледа повисоко, бидејќи светлата површина прва го привлекува погледот.
За собата да делува дека е потесна
Ако собата е преголема (за ваш вкус), можете лесно да ја стесните визуелно.
Таванот и најмалиот ѕид офарбајте ги со бела боја (или во многу светла нијанса), а сите останати ѕидови нека бидат во темни тонови.
На овој начин се добива впечаток дека просторијата е потесна од она што е навистина.
За да нагласите еден ѕид
Ова е одлична идеја ако сакате фокусот во собата да биде на одредено парче мебел или уметничко дело.
Три ѕидови во собата и таванот нека бидат обоени во темна боја, а само еден ѕид нека биде бел или во светла нијанса.
Оваа техника е спротивна на она што го прават повеќето луѓе каде што сите ѕидови и тавани се светли, а само еден ѕид е во темна нијанса или впечатлива боја.
За собата да делува дека е помала
Ако сакате целата соба да делува помала од она што е, сите ѕидови и таванот обојте ги во темна нијанса.
Ова е обично многу соодветно кога се бојадисува спална соба или библиотека.
За собата да делува дека е подолга
Ако собата е кратка, обојте ги таванот и еден ѕид во темна боја, а останатите три ѕида нека останат светли.
Белата боја на овој начин визуелно ќе ја издолжи собата.
За собата да делува дека е хоризонтално подолга
Ова е најверојатно најтешката техника што можете да ја изберете, но ефектот е одличен.
Поделете ги ѕидовите хоризонтално на два еднакви дела, па таванот и долниот дел од ѕидовите обојте ги бели (или во многу светли тонови), а горниот дел од ѕидот обојте го во тема нијанса.
Вака се добива таканаречениот „сендвич ефект“, кога темната боја меѓу двете светли прави просторот да изгледа подолг.
А. Ј. | Црнобело