Колку микропластика внесуваме со храната и колку е штетна за нашето здравје?
Микропластиката е сè поприсутна во храната што ја консумираме, а кога ќе се земе предвид нејзиното штетно влијание врз нас, јасно е дека е време да станеме посвесни за овој проблем и да најдеме начин да го решиме.
Микропластика е термин што се однесува на секое парче пластика што е помало од 5 милиметри. Нанопластиката, подкатегорија на микропластика, е уште помала: помала од еден микрон и невидлива за човечкото око.
Примарна микропластика се мали пластични честички произведени намерно, за комерцијална употреба. Тие се користат во козметички продукти, текстил, мрежи за ловење риба...
Секундарната микропластика се формира кога поголемите парчиња пластика се распаѓаат откако ќе бидат изложени на елементи како бранови, ветер или сончева светлина, на подолг временски период.
Која храна содржи микропластика?
Микропластиката веќе е во речси сè што јадеме или пиеме. Но, најголемиот диететски извор на микропластика може да се најде во водата за пиење.
Една студија од 2018 година открила пластични честички во 93% од примероците од флаширана вода.
Друга студија од претходната година открила дека 83% од примероците на вода од чешма од целиот свет содржат микропластика.
Има повеќе студии направени на оваа тема, а една студија открила дека има микропластика дури и во вината со полиетиленски затворачи.
Микропластиката може да се најде дури и во овошјето и зеленчукот како јаболка, брокула и моркови.
Исто така, сè што е спакувано во пластика, очигледно дека ќе има пластика во него, па речиси е невозможно да се јаде оброк без да се внесуваат честички микропластика.
Има пластика дури во воздухот која, потенцијално, може да се смести на сè со што ќе дојде во контакт.
Познато е и дека 386 видови морски риби проголтуваат пластични остатоци, вклучувајќи 210 видови кои се најпродавани на пазарот. Што значи, микропластиката ја внесуваме и преку овој вид храна.
Колку микропластика внесуваме и какви ризици претставува за здравјето на луѓето?
Научници процениле дека просечниот човек може да изеде 5 грама микропластика за една недела - колку една кредитна картичка.
Според истражување, микропластиката што ја голтаме, па и вдишуваме, може да предизвика оштетување на клектките.
Покрај тоа, честичките микропластика можат да апсорбираат дополнителни хемикалии на нивните површини пред да дојдат во контакт со човечка клетка, со што можат да предизвикаат дополнителни проблеми.
Разни органски материјали и тешки метали собрани во на микропластиката може да ја „зголемат нејзината токсичност“ за луѓето и животните кои би можеле да ја проголтаат.
Како да избегнеме внесување микропластика?
Иако микропластиката сега е присутна во нашиот систем за храна, сè уште има некои начини на кои можеме да ја ограничиме изложеноста:
- Започнете со обидот да избегнувате храна спакувана во пластика. Платнените торби за повеќекратна употреба можат да ги заменат пластичните опции во супермаркетот.
- Намирниците како путер од кикирики обично имаат алтернативи без пластика (како стаклена амбалажа), па размислете што можете да замените.
- Исфрлете ја флашираната вода и понесете си свое шише со вода секогаш кога е можно (овој совет зависи од пристапот до безбедна вода за пиење).
- Обидете се да ја елиминирате пластиката за домаќинството, како шишињата за зејтин, оцет, пластични кутии со зачини, пластични кутии за храна, итн.
- Сите пластични работи во домаќинството однесете ги за рециклирање! Зошто? За да ги спасите водите, животните, а и себеси.
M. Г. | Црнобело / фото: pixabay.com