Миење заби пред или по појадок – како практикувате вие и како е правилно?
Многу луѓе преферираат да ги мијат забите по појадокот, бидејќи сите знаеме дека пастата има влијание врз вкусот на храната. Но, ако и вие имате ваква навика, најдобро би било да ја промените бидејќи само им штетите на вашите заби.
ТикТок стана омилената платформа на многу медицински лица кои ја користат за да споделуваат разни совети за здравјето.
Овде спаѓаат и заболекарите, а неколку од нив кои имаат милиони следбеници нагласуваат дека забите треба да се мијат пред појадок, притоа објаснувајќи зошто.
Истото го тврдат и многу други заболекари и нивни здруженија.
Па, зошто е важно кога ги миете забите?
Зошто да ги миете забите пред појадок?
Според студентка, позната како Ола на ТикТок, која студира стоматологија на Tufts University во Масачусетс, треба да ги миете забите веднаш штом ќе се разбудите (како што многумина и прават, но не сите).
Таа вели дека во текот на ноќта во нашата уста се собираат многу бактерии, па кога ќе ги измиете забите веднаш штом ќе станете, значително го намалувате ризикот од кариес.
За Daily Mail, заболекарот Ричард Маркез кој соработува со многу познати личности ја потврдува изјавата на Ола. Според него, најдобро е да ги миете забите 10-тина минути пред појадок за да го заштитите нивниот емајл.
Оралниот хирург Каран Раж кој е доста популарен на ТикТок го вели истото, откривајќи дека пастата ги штити забите од храната што ќе ја изедете за појадокот.
„Мора да ги миете забите пред појадок, не потоа. Миењето пред појадокот ги обложува забите со заштитен слој што ги штити од киселините во храната.
Исто така, миењето заби го поттикнува лачењето плунка, која помага во разградувањето на храната и природно ги уништува штетните бактерии во устата.
Миењето заби веднаш по појадокот може да ги обложи забите со остатоците од храната, а ова ќе го ослаби емајлот“.
Што ако не ги измиете забите пред појадокот?
Ако, пак, заборавите да ги измиете забите пред појадок, немојте да ги миете веднаш откако ќе завршите со јадење.
„Многу е важно колку време ќе помине од појадокот до миењето заби. Емајлот што ги штити забите е привремено ослабен поради киселините присутни во храната. Ако ги измиете забите веднаш по јадењето, ризикувате да го оштетите емајлот.
Емајлот е важен бидејќи е како штит за забите. Тој не се регенерира сам, па важно е вие да се грижите за него“, вели доктор Маркез.
Во овој случај, најдобро е да чекате околу 30-тина минути до еден час по појадокот пред да ги измиете забите.
Ова го тврди и Американската дентална асоцијација, од каде што советуваат дека можете да ја исплакнете устата со вода или да џвакате мастика додека чекате да помине половина час.
Како правилно да ги измиете забите?
Начинот на којшто ги миете забите е исто, а можеби и поважен од тоа кога ги миете.
Најпрво навлажнете ја четката за заби и нанесете малку паста – колку зрно грашок. Четкајте ги забите најмалку две минути, а притоа осигурете се дека темелно ќе ги исчистите забите од сите страни.
Потрудете се да ги исчистите и најтешко достапните места, како забите кои се наоѓаат назад.
Не заборавајте да го исчеткате и јазикот бидејќи и на него можат да се соберат бактерии и остатоци од храна.
Кога ќе завршите со четкање, само плукнете ја пастата и најдобро не ја плакнете устата со вода. На овој начин флуорот од пастата ќе остане на забите и подобро ќе ги заштити. Сепак, ова многумина одбиваат да го практикуваат.
Уште подобро ако дополнително ги чистите забите и со конец. Чистењето со конец не само што ги отстранува и најситните остатоци од храна меѓу забите, туку може да го намали ризикот од болести на непцето.
Која храна е најдобро да ја јадете наутро за да го зачувате здравјето на забите?
Храната богата со калциум, фосфор, хранливи влакна и витамини А и Д ги зајакнува забите. Истовремено, потврдата храна која треба да ја џвакате подолго го поттикнува лачењето плунка, со тоа создавајќи дополнителна заштита на забите.
Според ова, постојат неколку намирници кои се секогаш одличен избор за појадок ако сакате да ги зачувате забите:
Јогурт: Јогуртот содржи малку шеќери, па е безбеден за вашите заби. Истовремено, има многу калциум и пробиотици кои штитат од кариес, болести на непцето, па дури и лош здив.
Јаболка: Ова овошје помага во чистењето на забите и го зголемува лачењето плунка.
Круши: Крушите се одлично овошје што ги неутрализира киселините во устата кои можат да предизвикаат кариес.
Јаткасти плодови: Јатките се богати со состојки како калциум и фосфор, а некои содржат и корисни витамини како Д, Е и Б6. Наводно, особено добри се бадемите и индиските ореви кои помагаат во уништувањето на бактериите кои предизвикуваат кариес.
Лосос: Оваа риба содржи омега 3 масни киселини кои го одржуваат здравјето на непцето и забите. Истовремено, лососот има и витамин Д кој помага во апсорпцијата на калциум.
Јајца: Јајцата се богати со протеини, но и многу други состојки кои помагаат во одржувањето на здравјето на забите.
Јагоди: Јагодите содржат киселина која делува како природен избелувач на емајлот, па можат да ви помогнат да ја намалите видливоста на дамките на вашите заби.
Спирова С. | Црнобело