Зошто некогаш чувствувате пулсирање на очниот капак и дали треба да бидете загрижени за тоа?
Стрес, претерано консумирање алкохол, замор... постојат неколку причини за таканареченото пулсирање на очниот капак, но најчесто ова е безопасна појава која поминува сама.
На сите ни се случило да почувствуваме како ни пулсира очниот капак. Некогаш ова пулсирање може да биде видливо, па изгледа како малку да го затворате капакот.
Ова движење на очниот капак е неволно и обично поминува за само неколку минути, а постојат неколку причини за неговата појава.
Што всушност претставува оваа појава?
Ова движење на очниот капак е познато и како миокимија, а е предизвикано од контракции на мускулите во очниот капак.
Најчесто контракциите се појавуваат во горниот капак, но сосема нормално е да ги почувствувате и во долниот.
Кај повеќето луѓе миокимијата е поблага и престанува по само неколку минути, но некогаш може да се појавува почесто во текот на неколку денови.
Добрите вести се дека оваа појава е генерално безопасна и исчезнува сама по себе. Но, ако сте загрижени или забележите дека мускулните контракции не престануваат, најдобро би било да се консултирате со лекар.
Што ја предизвикува оваа појава?
Бидејќи миокимијата скоро никогаш не е знак за сериозен проблем, причините за нејзината појава не се најдобро истражени. Сепак, експертите имаат откриено неколку работи кои можат да ја предизвикаат:
- Иритација на очите
- Замор
- Недостаток од сон
- Физички премор
- Несакани ефекти од некои лекови
- Стрес
- Претерана консумација на алкохол и кофеин
- Пушење цигари
Што можете да направите во врска со оваа појава?
Како што напоменавме, миокимијата најчесто е безопасна појава и контракциите на очниот капак престануваат сами по себе. Но, постојат некои работи кои можат да ја намалат можноста за оваа појава.
Спијте доволно. Бидејќи заморот и недостатокот од сон се некои од можните причини за миокимија, осигурете се дека секоја вечер ќе спиете доволно.
Ослободете се од стресот. Стресот е можеби најчестата причина за оваа појава, па ако не можете да го избегнете, најдете начин да се справите со него со активности како вежбање, читање, релаксирање со масажи и слично.
Намалете со претерана консумација на кафето. Ако пиете премногу кафе, можеби тоа е причината за вашата миокимија. Па, обидете се да пиете не повеќе од една до две шолја дневно. Истовремено, обидете се да пиете повеќе вода.
Кога треба да побарате лекарска помош?
Ако сте загрижени за оваа појава, консултацијата со лекар секогаш ќе ви биде од помош. Исто така, добро би било да се обратите кај експерт ако забележите и некој од следниве симптоми:
- Окото ви е црвено или потечено
- Окото ви е целосно затворено
- Контракциите на очниот капак се појавуваат во текот на неколку недели по ред
- Чувствувате слични контракции и на другите делови од лицето
Спирова С. | Црнобело