Едноставни трикови и совети кои ќе ви помогнат да заспиете побрзо ако имате несоница
Многу луѓе имаат проблеми со спиењето – некои воопшто не можат да заспијат со часови, а некои се будат во текот на ноќта, и тоа по неколкупати.
Ако имате сериозен проблем со спиењето и ги чувствувате последиците од тоа, најдобро е да се консултирате со лекар, кој ќе ви помогне да ја откриете причината за проблемот.
Истовремено, ако причината за несоницата се стресот и анксиозноста, можете да пробате неколку едноставни трикови што барем малку ќе ви помогнат да се релаксирате и побрзо да заспиете навечер.
Од спиење во студена соба, па сè до стомачно дишење, погледнете кои трикови и совети можат да ви бидат од корист:
Трик за брзо релаксирање
Ако се чувствувате напнато и поради тоа не можете да заспиете, постои навистина едноставен трик што ќе ви помогне да се релаксирате.
Почнувајќи од стапалата, па сè до лицето, треба да ги стегнете мускулите од секоја мускулна група, а потоа да се опуштите. На пример, прво стегнете ги мускулите на стапалата и долниот дел од нозете, држете 5 секунди, па опуштете се. Потоа продолжете со мускулите во горниот дел од нозете – стегнете ги 5 секунди, па опуштете ги.
Направете го ова за сите мускулни групи и веднаш ќе забележите разлика.
Спијте во студена соба
Ако имате навика да спиете во многу топла просторија, можеби треба да го промените ова. Според експертите, многу подобро ќе се наспиете во поладна просторија, со температура од околу 18 степени. Причината за ова е едноставна – во природата, навечер температурата е секогаш пониска, па нашето тело е „програмирано“ на овој начин.
Затоа, ако не можете да заспиете, обидете се да ја изладите просторијата навечер.
Избегнувајте ги дремките после 15 часот
Многу луѓе без проблем заспиваат навечер дури и ако дремат во текот на денот, но ако имате проблеми со несоница, најдобро би било да ги избегнувате дремките.
Односно, ако се почувствувате уморно во текот на денот, немојте да дремете повеќе од 20-тина минути. Истовремено, немојте да дремете после 15 часот ако вечерта сакате да заспиете порано.
Стомачно дишење за релаксација
Ако сте анксиозни или под стрес, сигурно дишите плитко и неправилно. Затоа, овој трик ќе ви помогне барем малку да се релаксирате. Оваа техника е позната како 4-7-8 и е всушност таканаречено стомачно дишење.
Најпрво издишете го целиот воздух. Потоа вдишувајте низ носот 4 секунди, така што ќе ви се подига стомакот. За да се осигурите дека вдишувате правилно, ставете ја раката на стомакот за да го почувствувате подигањето. Држете го воздухот 7 секунди, а потоа издишувајте 8 секунди низ устата. Повторете околу 4 пати.
Спијте со повеќе перници
Ако чувствувате неудобност или болка во рамото, а не можете да спиете на стомак, обидете се да спиете на две перници. Ставете ги перниците една врз друга, како на илустрацијата, и на овој начин ќе направите простор за раката и нема да создавате многу притисок на рамото.
Пишувајте
Некои истражувања покажале дека пишувањето, односно водењето дневник може да ви помогне да се справите со стресот и анксиозноста што ги чувствувате навечер.
Доволно е да одвоите 15-тина минути и да запишете како ви поминал денот. Фокусирајте се на убавите нешта, но и на вашите чувства во текот на денот.
Повторувајте си ја фразата „Не размислувај“
Ако не можете да заспиете поради мислите кои ве мачат навечер, со овој трик ќе си го оттргнете вниманието од нив.
Ова можете да го направите и со медитација, но ако не можете да се ослободите од негативните мисли, фокусирањето на една фраза, како „Не размислувај“, дефинитивно ќе ви биде од помош.
Дајте ѝ шанса на акупресурата
Иако нема цврсти докази за ефикасноста на акупресурата, многу луѓе тврдат дека им помага, па не губите ништо ако пробате.
Постојат неколку точки за акупресура на телото кои наводно ќе ви помогнат да се релаксирате. Една од нив се наоѓа веднаш под дланката, во линија со малиот прст (илустрацијата лево). Втората се наоѓа на внатрешната страна, околу три прста под зглобот на дланката (илустрацијата десно).
Нежно масирајте ги овие точки на двете раце, околу 3 минути.
Спирова С. | Црнобело