Член на семејството е заразен со корона вирус, а имате само едно купатило - како да дезинфицирате?
Бројот на новозаразени од корона вирусот не стивнува. Секојдневно некое семејство е под стрес од резултати, од исходот, од состојбата на некој близок.
Голем број примери укажуваат на случаи каде во едно семејство имало еден заразен, а и покрај тоа што живеат под ист покрив, останатите членови останале заштитени од вирусот и не пројавиле ниту симптоми ниту се инфицирале од истиот.
Едно е сигурно до сега – вирусот е навистина непредвидлив, а секое споделено искуство е добредојдено.
Како да постапите кога во семејството имате заболен член, а сепак треба да делите некои исти простории, најчесто тоалет/купатило и ходници?
1. Доколку делите купатило, после секое користење на истото, просторијата да се дезинфицира со алкохол. Заразениот треба да се движи низ ходниците и купатилото исклучиво со заштитна маска.
Сите предмети кои ќе ги допре (а, ако не носи заштитни ракавици) – славина, квака, туш, копчето за пуштање вода во ве-це школката, да се пребришат со 70% алкохол.
2. Пешкири, сапун, четка за заби и бричеви – најдобро е да стојат одвоено, на страна од оние кои ги користат членовите кои не се заразени.
Дополнителни совети за заштита на семејството:
3. Најдобро е секогаш оваа личност да спие во посебна соба.
4. Храната најдобро е да му се остава пред врата. Миењето на садовите да биде во машина за садови или доколку не поседувате, со жешка вода и средство за дезинфекција, со посебно сунѓерче.
5. Немојте да ги тресете алиштата. Заразениот нека ги става во ќеса, а перете ги на висока температура. За секој случај, перете ги одвоено од алиштата на останатите членови на семејството, иако многумина велат дека не е ризично.
6. Доколку нарачувате намирници, координирајте се да ви ги остават пред врата.
7. Ѓубрето ставајте го во добро затворена ќеса.
8. Проветрувајте го домот често.
Не заборавајте дека периодот на изолација е голем тест за семејството. Обидете се да останете позитивно расположени. Особено олеснете му го секојдневието на заразениот член кој мора да го поминува времето во една соба.
Обезбедете го со книги, забавни игри, филмчиња, осигурете се да пие многу течности и оставајте им мали изненадувања пред вратата.
Доколку сакате да го споделите своето искуство и совети за Ковид19, приклучете се на Фејсбук групата Ковид19 Искуства и Совети каде ќе најдете безброј корисни информации на темата.
Кога се работи за здравјето и терапија, секогаш прво консултирајте го вашиот доктор.
Е. П. | Црнобело / фото: depositphotos.com