Непроветрените простории се „дувло“ за корона вирусот - Канцелариите може да бидат ризични
„Дали е безбедно да одам на трчање“, „Дали да влезам во аптеката по потребните лекарства“, „Колку блиску е премногу блиску стоење до друга личност во супермаркетот?“
Постојано размислуваме како да го намалиме ризикот од заразување со корона вирусот, па си поставуваме прашања од типот: „Дали е безбедно да одам на трчање“, „Дали да влезам во аптеката по потребните лекарства“, „Дали да го посетам татко ми?“, „Колку блиску е премногу блиску стоење до друга личност во супермаркетот?“
Научниците докажаа дека овој вирус во најголема мера се пренесува преку капки кои летаат во воздухот од инфицираната личност кога кашла, кива или зборува, па затоа најважна е социјалната дистанца, а и носењето маски кога сте во близина на други луѓе.
Тие исто така докажаа дека најголема е веројатноста да се заразите е во затворени, непроветрени простории со многу луѓе. А канцелариите се токму такви, па треба да се обрнува посебно внимание на заштитата на вработените при враќањето на работа.
Што се однесува до надворешните активности, да пешачите и трчате по кеј или да возите велосипед во парк (секако, одржувајќи дистанца од 2 метри од другите) не е толку ризично и дури и СЗО ги препорачува активностите, сè додека се придржувате до мерките за заштита, одржувате дистанца од другите, ги миете рацете пред и по излегување темелно и не го допирате лицето во меѓувреме.
Кога би се направило споредба, побезбедно е да излезете сами да пешачите одржувајќи дистанца, отколку да работите во канцеларија затворени со десетици луѓе.
Неодамна во еден кол центар во Сеул, Јужна Кореја речиси половина од вработените на еден кат се инфицирале од корона. Речиси сите заразени седеле во иста просторија.
Токму овој факт го прави враќањето во канцелариите предизвикувачко и застрашувачко доколку не се почитуваат мерките за заштита.
Но, многу компании како низ светот, така и во Македонија одлучија да ги вратат работниците на работните места, се разбира, со строги мерки за превенција. Од задолжително носење маски до дезинфекција на просторот, тие строго се држат до препораките.
Бројот на новозаразени во земјава се намалува, а животот мора постепено да се враќа во нормала, но сепак, „новата нормала“ ќе изгледа малку поинаку од претходно, со оглед на тоа што сите мора да бидат внимателни и да се држат до трите најважни мерки за заштита - одржување лична хигиена на раце, одржување социјална дистанца и носење маски во затворени простории.
Инаку, колку подолго сте заедно со личност што има корона, толку е поголема шансата инфицираните капки да завршат на вашето лице.
„Не би се грижел доколку поминам покрај некој, контактот со инфицирано лице се дефинира да се биде во негова близина одреден период. Не би се грижел за оние случајни средби на поминување“, вели доктор Амеша Адаја, специјалист инфектолог од Универзитет Џон Хопкинс.
Проблемот со шетањето на отворени простори како плажи и паркови според него, е во тоа што луѓето не внимаваат на социјалната дистанца, и токму тука може да настане проблемот со големи групи на луѓе дури и на отворено.
Не е изненадувачки што најголемиот дел од трансмисијата на корона вирусот е во затворени простории.
Според едно јапонско истражување (кое треба да се доработи) се смета дека веројатноста инфицирано лице да ви пренесе корона е 18.7 пати поголема во затворена просторија, отколку на отворено.
Со тоа, сите затворени простории кои не се проветруваат, не се дезинфицираат редовно и каде не може да се одржи социјална дистанца - се од поголем ризик.
С. С. | Црнобело