Што треба да го прашате вашиот доктор доколку сте се одлучиле да забремените?
Се одлучивте на голем чекор, имате желба да основате семејство со својот партнер. Со цел да си ги зголемите шансите за бременост потребно е да се консултирате со својот доктор, односно гинеколог.
Една од најважните животни одлуки е онаа да имате дете, да станете родител. Иако технички можете веднаш да скокнете во креветот и да се впуштите во акција, сепак добро е да си закажете преглед кај докторот барем неколку месеци пред зачнувањето.
За што треба да се консултирате со вашиот гинеколог пред да забремените?
Колку време ќе ми биде потребно да забременам?
Секако, вашиот доктор не може прецизно да потврди кога ќе успеете да забремените. На некои парови им успева од првпат, додека други се справуваат со процесот неколку години.
Вашиот доктор може да има генерално предвидување врз основа на вашите години, здравствената состојба и искуството со забременување што сте го имале досега.
Кога треба да престанам да ги пијам таблетите за контрацепција?
Не секогаш е возможно да забремените веднаш откако ќе престанете да ги пиете таблетите за контрацепција. Хормоналните таблети може да влијаат на вашиот циклус дури и неколку месеци откако сте престанете да ги земате.
Дали мојата здравствена состојба влијае на плодноста?
Секако дека некои здравствени состојби влијаат на процесот. Тука спаѓаат полицистичните јајници, ендометриоза, нарушување на работата на штитната жлезда, дијабетесот… кога станува збор за партнерот проблемите се однесуваат на бројот на сперматозоидите, нивната подвижност и морфологија. Гинекологот е личноста која најдобро ќе ја процени ситуацијата.
Колку лековите коишто ги пијам може да влијаат на плодноста?
Некои лекови како на пример оние за висок крвен притисок и епилепсија може да ги намалат шансите за забременување. Одредени лекови може да му наштетат на плодот веднаш по забременувањето.
Треба да се посоветувате со докторот кои лекови треба да ги исфрлите од употреба или да ги замените, а кои воопшто не смеете да ги пиете.
Треба ли да пијам витамини и суплементи?
Идните мајки по правило треба да пијат фолна киселина од 3-6 месеци пред обидот за зачнување. Потврдено е дека фолната киселина го намалува ризикот од оштетување на нервните клетки и одредени други потенцијални оштетувања.
Докторот може да ви препорача и други пренатални витамини и суплементи, како витамин Д, цинк, магнезиум, итн.
Дали е потребно да го сменам начинот на исхрана и другите животни навики?
Прекумерната или прениската тежина може да влијаат на намалување на плодноста, да доведат до компликации во текот на бременоста како гестациски дијабетес, висок крвен притисок, спонтан абортус.
Прекумерното вежбање исто така, консумирањето алкохол, цигарите и премногу кофеин може негативно да влијаат на плодноста и бременоста.
Потребно е да имате искрен, отворен разговор со докторот и да видите што треба да промените во своите навики доколку сакате да забремените и да имате здраво бебе.
Дали може да се вакцинирам?
Доколку имунитетот ви е послаб можно е докторот да ви препише одредени вакцини и инјекции доколку е потребно. Вакцините против сезонскиот грип, тетанус, хепатит Б се дозволени во текот на бременоста.
Дали е потребно да направам генетско тестирање?
Можеби ќе биде потребно да направите генетско тестирање заедно со партнерот за да видите дали сте носители на некакви генетски нарушувања. Доколку резултатите се вратат позитивни, докторот ќе ви помогне да го процените ризикот и како да постапите понатаму.
Зошто не можам да забременам?
Паровите коишто безуспешно се обидуваат да затруднат повеќе од една година (или 6 месеци доколку се постари од 35 години) веројатно се соочуваат со неплодност.
Со помош на различни испитувања докторот ќе ви помогне да ги утврдите причините за неплодноста кај двата партнери, а потоа ќе се насочи кон решавање на истите.
Што треба да направам после позитивниот тест за бременост?
Многу парови немаат идеја што да прават доколку добијат позитивен тест за бременост, особено доколку истиот е неочекуван.
Дали треба веднаш да одите на гинеколог и колку треба да почекате со цел да се види плодот на ултразвук и да се слушне срцева реакција? Докторот ќе ви даде одговор на сите овие прашања.
Што уште може да очекувам од посетата на докторот?
Освен делот со прашања и одговори, докторот сигурно ќе вклучи и одредени тестови за испитување на состојбата. Меѓу нив ќе има и многу тестирања кои според него влијаат на процесот на зачнување, како непроодни канали, цисти, полипи, итн.
Пожелно е докторот да има и целосна крвна слика од вас и партнерот, спермограм како и уринокултура, за утврдување на евентуални проблеми.
(О)Милена | Црнобело