ХИВ и СИДА: Симптоми, третман и превенција

ХИВ претставува вирус што го напаѓа имунолошкиот систем на човекот. Присуството на вирусот во организмот го уништува имунитетот, поради што организмот не може да се одбрани од разни болести и инфекции.

hiv-i-sida-simptomi-tretmani-i-prevencija-01.jpg

Инфекцијата со ХИВ вирусот може да предизвика развој на болеста СИДА. Оваа болест е последната фаза од инфекцијата со ХИВ вирусот и се карактеризира со прогресивно слабеење на имунолошкиот систем.

Поради ова, личноста заболена од СИДА е подложна на голем број инфекции и болести.

Симптоми на ХИВ и СИДА

Кога личноста е прв пат изложена на ХИВ вирусот, може да не покаже никакви симптоми неколку месеци, па и подолго. Сепак, можат да се почувствуваат симптоми слични како оние на грип.

Во почетната фаза од заразувањето, личноста има огромно количество од ХИВ вирусот во својата крв и е многу заразна.

Раната болест често ја следи латентна фаза, каде што вирусот е помалку активен и можно е да нема никакви симптоми. Иако вирусот не покажува симптоми, сепак може да се пренесе. Оваа латентна фаза може да трае цела деценија, па и повеќе.

Доколку не се лекува, ХИВ вирусот ќе се претвори во СИДА. Како што напомнавме, СИДА-та го ослабува имунитетот, па организмот не може да се справи со разните болести и инфекции.

Некои од најчестите симптоми на ХИВ и СИДА се:

- Брзо слабеење

- Екстремен замор

- Сува кашлица

- Постојана треска или ноќно потење

- Отечени лимфни жлезди под пазувите, на препоните или на вратот

- Дијареа што трае долго

- Рани во устата или крвавење од гениталиите или анусот

- Пневмонија

hiv-i-sida-simptomi-tretmani-i-prevencija-02.jpg

Дијагноза и лекување

Тестирањето на крвта покажува дали се присутни антитела на ХИВ. Доколку се, тоа лице е ХИВ позитивно.

Ваков тест можете да направите на Клиника за инфективни болести, а тестовите се бесплатни и доверливи.

По инфицирањето со вирусот, потребни се околу 3 месеци за да се создадат антитела што се утврдуваат со тестот. Поради ова можно е личноста која е ХИВ позитивна да покаже негативен резултат. Затоа кај тестовите со негативен резултат, тестирањето се повторува после неколку месеци.

Сè уште не постои лек за ХИВ, но со денешните терапии можно е да се продолжи животот на пациентите за неколку десетици години. Истовремено, подобрен е и квалитетот на животот на пациентот и тој е способен да работи. На некој начин, ХИВ вирусот е како хрноична болест со којашто може да се живее. 

Ширум светот и кај нас се применува антиретровирусна терапија која го држи вирусот под контрола. Оваа терапија најчесто е комбинација од 3 или повеќе лекови кои имаат разно влијание врз вирусот.

Кај нас оваа терапија е достапна бесплатно.

hiv-i-sida-simptomi-tretmani-i-prevencija-03.jpg

Превенција

ХИВ вирусот се пренесува преку сексуален однос без заштита, користење на претходно употребени игли, шприцови и слично, трансфузија на непроверена крв, употреба на нестерилни инструменти за пирсинг или тетовирање, медицинска интервенција без соодветна заштита и слично.

ХИВ вирусот може да се пренесе и од мајка на дете за време на бременост, за време на породување или во текот на доењето.

За да се заштитите, имајте ги предвид следниве нешта:

- При секој сексуален однос (орален, анален, вагинален) користете правилно наместен кондом. Кондомот е единственото средство што штити од вирусот за време на сексуален однос.

- Никогаш немојте да делите прибор за инјектирање, како игли и шприцови, со некој друг.

- Доколку се сомневате дека сте биле изложени на ХИВ вирусот, веднаш направете тест.

- Дознајте го вашиот и ХИВ статусот на вашиот партнер.

ХИВ вирусот не може да се пренесе со прегрнување, бакнување, ракување, кашлање или кивање, користење јавни тоалети и базени или дружење и работење со ХИВ позитивно лице.

hiv-i-sida-simptomi-tretmani-i-prevencija-04.jpg

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Вие прашувате, психолог одговара: „Не можам да заборавам смрт на близок и да почнам да учам за испит... На прашањата од нашите читатели одговара лиценциран психолог/терапевт. На пра...
Пеленски осип: Како се третира и кога да го носите детето на лекар? Доколку забележите дека вашето бебе има пеленски осип, тогаш многу е важно да ја...
Рамни стапала кај деца: Што ги предизвикува и кога е време да побарате помош? Важно е да запаметете дека детето никогаш не треба да носи чевли што ги носело д...
Како да го одвикнете детето од грицкање нокти? Помогнете му на вашето дете да разбере дека грицкањето нокти е навика која треба...
Симптоми на мини мозочен удар што не треба да ги игнорирате Минливиот исхемичен напад неретко е знак дека наскоро може да дојде до мозочен у...
Најопасните вируси со коишто се соочило човештвото (и дали има лек) Сигурно ви е познат вирусот SARS-CoV-2 кој е причина за пандемијата од 2019 годи...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg