За време на интимните односи: Што им предизвикува болка на жените?
Иако чинот на водење љубов треба да им причинува задоволство, реалноста е дека за мноштво припаднички од понежниот пол не е ни малку пријатен.
Болката во текот на сексот не е ретка појава, а ја доживуваат жени од сите возрасни групи. Соочувањето со овој проблем, пак, вообичаено е трауматично искуство за дамите.
Неодамнешната научна студија направена во Велика Британија, потврдува дека една од десет жени на возраст помеѓу 16 и 74 години, страда од диспареунија или болен сексуален однос.
Болката не е секогаш лоцирана во самиот полов орган, туку може да се јави и во близина на влезот од вагината, или, пак, длабоко во карлицата.
Притоа, непријатноста поврзана со сексуалниот однос, односно диспареунијата, може да има физичка или емоционална позадина.
Според авторката на научната студија, Кирстин Мичел, постојат три најчести причини кои доведуваат до нејзина појава:
„Понекогаш се работи за неоткриена здравствена состојба или инфекција. Кај некои жени постои недостаток на самодоберба и несигурност да поразговараат со својот партнер околу тоа што сакаат и што не сакаат во кревет. Па, тие имаат „сексуални активности“ кои не им се пријатни и не уживаат во нив. Дел од нив, пак, вознемирани се и не се опуштени за време на односот, поради што се појавуваат болките.“
Споменатото истражување е објавено во „BJOG: An International Journal of Obstetrics and Gynaecology“, а биле вклучени 7.000 сексуално активни испитанички.
Резулатите покажуваат дека на болки при интимните односи првенствено се жалат жените меѓу 55 и 64 години, како и девојките на возраст од 16 до 24 години.
Воедно, ваквиот проблем е најизразен во ситуациите коишто претставуваат стресни за жените во кревет.
Оттука, препораките за секоја од нив се да не оди против сопствената волја, туку да го прави само она во кое навистина ужива во постелата. За таа цел, неопходно е и отворено да говори за интимните теми со партнерот.
Многу жени со постојана сексуална болка никогаш не посетуваат доктор, а успешниот третман секако зависи од откривањето на самата причина.
Доколку искусувате болен сексуален однос, не двоумете се дали да побарате стручна помош. Лекувањето на проблемот може да направи чуда, како за вашиот сексуален живот и емоционалната интима, така и на сликата за самите себе.
М. А. | Црнобело