Според бојата на очите: Кои жени полесно ги поднесуваат породилните болки?
Најновото истражување покажува дека бојата на очите може да открие колкав ќе ви биде прагот на толеранција за болките во текот на породувањето. Па, кои припаднички на понежниот пол се најиздржливи?
Според резултатите од неодамна спроведеното истражување, бојата на очите е показател за тоа колку добро се справувате со болката, негативните емоции, или, пак, анксиозноста.
За таа намена, истражувачите при Универзитетот во Питсбург набљудувале 58 бремени жени (со бела боја на кожата), заклучувајќи дека жените со светли очи - во сина или зелена боја - подобро ја поднесуваат болката за време на породувањето.
За разлика од нив, бремените жени со темни очи чувствувале поголемо олеснување откако добиле епидурална анестезија, што укажува дека нивниот праг на толеранција на болка е понизок.
Воедно, мајките со сини очи се помалку склони кон развивање симптоми на анксиозност и депресија после породувањето, во споредба со мајките кои имаат потемна боја на очите.
Иако се потребни и дополнителни истражувања за да се утврдат факторите кои стојат зад ваквите корелации, се претпоставува дека во прашање е генетиката. А, со понатамошното испитување би требало да се опфати поголем број на жени, вклучувајќи ги и тие кои не се бремени.
Секако, примерокот е релативно мал, па каква боја и да се вашите очи, прифатете ги резултатите со доза на резерва.
М. А. | Црнобело