10 едноставни начини да ја одржите ерекцијата
Вашиот животен стил во огромна мера влијае на здравјето на пенисот и сексуалната изведба, па време е за акција.
Многу мажи го вклучуваат автопилотот кога е здравјето во прашање, сѐ додека нешто за кое навистина се грижат не биде погодено. За многу момци, тоа е нивниот пенис.
„Иако се свесни дека нивниот начин на живот им штети на здравјето, тие ќе преземат нешто дури кога тоа ќе започне да влијае на нивниот сексуален живот“, вели урологот и професор Чарлс Вокер.
Еве 10 едноставни трикови кои играат огромна улога во функционирање на пенисот и спречувањето на еректилната дисфункција:
Внимавајте со лекарствата
Одредени антидепресиви, лекарства за регулирање на крвниот притисок и антихистаминици може да ви предизвикаат проблем со ерекцијата. Понекогаш дури и преголема употреба на најобичните лекарства, како оние за настинка или алергија, може да предизвикаат пад.
Читајте ги етикетите и можните негативни дејства. Ако некои лекарства ви прават проблем, разговарајте со вашиот доктор за замена.
Внимавајте на обемот на половината
Стегањето премногу на ременот е ризик за вашиот пенис. Мажите со обем на половината од 99 сантиметри и повеќе имаат двапати поголема веројатност да страдаат од еректилна дисфункција.
Големиот обем на половината посочува на повисоки нивоа на штетното висцерално масно ткиво, кое е поврзано со понизок тестостерон и повеќе воспаленија, кои може да му наштетат на пенисот.
Престанете со пушењето
„Сите знаат дека пушењето е лошо за здравјето, но повеќето луѓе не сфаќаат дека постои директна врска помеѓу пушењето и еректилната дисфункција“, вели доктор Вокер. Цигарите предизвикуваат оштетување на крвните садови што влијае на мускулите во вашиот пенис.
Всушност, мажите што пушат имаат 51% поголема веројатност да страдаат од еректилна дисфункција отколку непушачите, покажа едно истражување од Кина.
Оставете ја работата во канцеларијата
„Стресот од работата има огромно влијание врз сексуалната активност. Гледам многу мажи во 40-тите и 50-тите години кои се многу успешни, но нивните работни позиции се навистина стресни и многумина од нив имаат еректилна дисфункција“, вели доктор Вокер.
Мажите на важни позиции тешко ја оставаат работата во канцеларија, што значи дека анксиозноста им е на високо ниво во текот на поголемиот дел од денот, па дури и ги спречува да го достигнат врвот во спалната соба.
Плус, воркохолиците немаат време за добар сон и вежбање, кои се важни за здравјето на пенисот.
Обезбедете си квалитетен сон
Едно истражување направено во Чикаго покажа дека спиењето 5 или помалку часа го намалило нивото на тестостерон за 10 проценти, дури и кај млади, здрави момчиња.
„Спиењето на вашето тело му дозволува да го прави тоа што треба да го прави, а помеѓу другото е и поддржување на либидото и сексуалната функција“, објаснува доктор Вокер. Исто така, балансот на хормоните во мозокот, како допамин и серотонин, влијаат на вашата ерекција.
Задолжителни се најмалку 6 часа сон, иако 7 или 8 би било идеално.
Внимавајте на оралната хигиена
Едно истражување направено во Турција покажа дека мажите со еректилна дисфункција имаат трипати поголема шанса да имаат проблеми со непцата. И во Британија е потврдено дека 4 од 5 мажи со тешка еректилна дисфункција имаат проблем со непцата.
Ако вашите заби се расипуваат, вашиот имунолошки систем ги напаѓа бактериите во устата, а потоа бактериите преминуваат во крвниот систем и прават оштетувања. Затоа, најмалку двапати на ден четкајте ги забите и јазикот за да ги стопирате бактериите.
Намалете со алкохолот
Пијаните момци треба да вложат многу поголем напор за да добијат ерекција, покажа истражување на Универзитетот во Вашингтон.
Дури и да немате проблеми со изведбата сега, внесувањето многу алкохол може да влијае на вашата сексуална изведба понатаму. Затоа, следниот пат престанете да пиете по втората чаша.
Добро испотете се
Вежбањето е важно за ерекцијата, но лесното трчање може да не е доволно за придобивките, па треба малку да го зголемите интензитетот.
Напорните тренинзи ќе направат вашите крвни садови да функционираат подобро.
Избегнувајте да флертувате со други
„Неверството и чувството на вина што сте ја изневериле довербата на партнерката може да се претвори во анксиозност и во мозокот да се лачат хемикалии кои ја напаѓаат способноста да доживеете ерекција“, вели доктор Вокер.
Тргнете се од лаптопот
Лаптопот зрачи огромна доза на топлина, а сѐ што ви ги загрева тестисите премногу може да го намали нивото на тестостерон.
Клетките во тестисите кои создаваат сперматозоиди и хормони се чувствителни на топлина. Тестисите функционираат на неколку степени под телесната топлина и затоа лаптопот во вашиот скут може да има негативни ефекти.
С. С. | Црнобело