Најчести грешки при одржувањето на забите кои треба да престанете да ги правите
Веќе ни е јасно дека миењето заби со четка само наутро и навечер не е доволно.
Сигурно веќе неколкупати досега сте слушнале треба да ги четкате по секој оброк, ако сакате да имате убава насмевка и секако, здрави заби.
Но, и покрај тоа што знаете некои работи, сепак продолжувате да правите некои грешки кога станува збор за одржувањето и грижата за забите.
Погледнете кои се тие и потрудете се да ги избегнувате:
Преголем притисок на четкичката
Кога ја стискаме многу силно четката, нејзините влакна се виткаат и потешко отстрануваат нечистотии. Плус, тоа може да доведе до оштетување на непцата.
Не обрнувате внимание на храната
На сите ни е јасно дека слатките предизвикуваат кариес, но ретко кој практикува за здравјето на забите да јаде храна богата со калциум и фосфор.
Храна која содржи калциум:
- Млечни производи
- Лушпа од зеленчук и овошје
- Риба
- Грав
Храна која содржи фосфор:
- Риба
- Житарици
- Јаткасти плодови
- Леќа
Не користите соодветни средства за чистење
Четката за заби колку и да е квалитетна, не може да ја отстрани цела нечистотија помеѓу забите. Затоа е неопходно после секој оброк и пред миење да ги исчистите забите со конец.
Ако сакате дополнително да спречите бактерии, користете посебни средства за нега на забите кои можете да ги најдете во аптеки во консултација со вашиот стоматолог.
Не го отстранувате забниот камен
Забниот камен има жолтеникаво-кафена боја и не може да се исчисти со четка, а може да се создаде над и под непцата. Забниот камен ги продлабочува џебовите околу секој заб и ги ослабува ткивата што го држат забот во непцето. Ова може да доведе до други компликации и до неопходно вадење на забот.
Ова може да се отстрани само од страна на стоматолог, па затоа барем еднаш годишно правете професионално чистење.
Мислите дека е доцна за протеза
Многумина мислат дека исправувањето на забите е возможно само во младоста и тинејџерските денови, но тоа не е точно. Можеби процесот ќе трае подолго време, но ќе добиете рамни заби, а тоа не само што изгледа убаво, туку и здравјето на забите ќе трае подолго, бидејќи кога се забите збиени, не може да се забележи кариесот.
Џвакате на една страна
Џвакањето само на една страна води до преоптоварување на забите, а на другата страна која не ја користите, забите се ослабени. Ова може да доведе до други проблеми, па затоа обидете се да џвакате еднакво на двете страни.
Не ги учите децата на грижа за забите
Некои родители мислат дека нема поента децата посебно да се грижат за млечните заби, бидејќи тие секако се привремени, да, тие ќе паднат, но навиката останува и таа треба да се стекне уште од детството. Забите треба да се мијат после секој оброк по 3 минути, со менување на движењата на четкичката.
М. М. | Црнобело