3 совети што треба и 3 совети што не треба да ги слушате во бременоста
Сигурно некогаш сте слушнале за некои необични совети кон кои треба да се придржувате за време на бременоста, а ги кажуваат оние со поголемо искуство.
Не верувајте слепо на сé што ќе ви кажат дека е добро да го правите, но и на она што ќе ви кажат дека е штетно за вас и за бебето.
Кои совети треба да ги слушате?
1. Бидете подготвени и за тоа што следува после породувањето
Многу мајки размислуваат повеќе за самиот чин на раѓање на детето, а помалку за она што следи непосредно потоа. Дали сте запознаени со процесот на доење, дали знаете какви промени ќе се случат на вашето тело, дали имате направено финансиски план за во иднина?
За овие работи вреди да се размисли и да се побараат совети од најблиските.
2. Одете на кратко патување со партнерот пред да се роди бебето
Популарниот „babymoon“ е тренд во светот кој многумина го препорачуваат. Краткото патување пред да се породите уште повеќе ќе ве зближи со партнерот и ќе ви ја зацврсти врската пред да дојдат најважните денови во вашите животи.
3. Не се извинувајте ако сте премногу чувствителни
За време на бременоста, нормално е да плачете повеќе од вообичаено или да ве погодуваат секојдневно работи. Не се објаснувајте никому и не се чувствувајте лошо поради ова.
Кои совети НЕ треба да ги слушате?
1. Вежбањето ќе му наштети на бебето
Само вашиот лекар знае кои вежби се препорачуваат за време на бременоста, а кои не. Сé зависи од вашето тело и организмот. Јога, пилатес, пешачење или лесни вежби нема да му наштетат на бебето, па слободно практикувајте ги, со согласност од лекар.
2. Домашните миленици се штетни за мало бебе
Ова е мит во кој треба да престанете да верувате веднаш. Многу истражувања ја истакнуваат важноста на врската помеѓу децата и животните, особено кучињата.
Сепак, сé зависи од тоа какво милениче чувате, па најдобро е да се консултирате со стручно лице за оваа тема.
3. Не смеете да пиете никакви апчиња
Додека сте бремени не треба да престанете да ги пиете сите апчиња што дотогаш сте ги земале. Вашиот матичен лекар ќе ви каже со кои лекови може да продолжите, а со кои да паузирате.
М. В. | Црнобело