Како ставив крај на токсичната врска со здравата исхрана?
Замислете на момент дека сте срна. Шетате низ шума кога наеднаш се појавува човек кој почнува да ве брка со оружје. Вие веднаш ја забележувате опасноста на ситуацијата и почнувате да бегате се додека не сте сигурни дека опасноста ја нема повеќе на видик.
Откако опасноста ќе ја снема, вие повторно се враќате на вашата рутина. Имате 3 главни приоритети во животот: кога сте гладни да најдете храна и да јадете, кога сте уморни да пронајдете удобна површина со тревки во кои можете да се одморите и кога ќе насетите опасност да бегате за својот живот. После сите работи кои ги правите веднаш ги гледате резултатите од вашиот труд. Секој труд веднаш има забележливо влијание врз промената на вашиот живот и вашиот живот е целосно ориентиран кон сегашниот момент.
Сега ставете се во улога на ловецот. За разлика од срната, луѓето живеат во средина во која наградата или бенефитот од речиси сите одлуки кои ги правиме ќе го осетиме во иднина. На пример, додека ја ловиме срната веќе размислуваме: “колку би било добро да се откажам од работа и да можат да ловам диви животни секој ден” или пак “дали е време за промена на работното место и како ќе го афектира тоа моето пензионирање еден ден”? Знаеме дека која и одлука да ја донесеме денес, бенефитот од истата ќе го почувствуваме во иднина.
Речиси сите аспекти на модерниот живот се направени да ја одложат “наградата” од нашиот труд за некое друго време во иднина. Но, човечкиот мозок не бил отсекогаш ваков. Нашиот мозок воопшто не е дизајниран да решава вакви прашања, затоа и постојат најголемите болести на модерното време: депресија, хронична анксиозност и растројства во исхраната.
Во праисториското време, луѓето се однесувале речиси исто како животните и не постоеле посложени проблеми со кои требало да се соочува нивниот мозок. Во последните 100 години со комплетната револуција во интернетот, телевизијата, автомобилите, маркетингот и буквално целата промена на средината во која живееме, на нашиот мозок му претставивме речиси невозможен предизвик. Речиси се што се случува во нашето секојдневие е создадено во овој краток период. Тоа несогласување на еволуцијата на човечкиот мозок со брзината на промена на средината доведува до хроничен стрес што го чувствуваме секојдневно.
Затоа имаме потреба од мерење на нашите достигнувања. Секојдневно мораме да имаме контрола врз сите сфери на нашиот живот и некоја врста на опсесија, нешто врз кое мораме да имаме целосно контрола за да не се чувствуваме како животот да не води нас, туку како ние да го водиме животот. Најчесто, опсесијата и тоа да бидеме добри во нешто водат до занемарување на многу здрави навики кои не прават навистина среќни. Но, потребата да бидеме супериорни во нешто си го прави своето.
Во моите тинејџерски денови, сите околу мене имаа свое хоби. Некои беа добри во спорт, некои беа добри во математика а некои едноставно им одеше се што ќе пробаа да направат. Растејќи во семејство во кое стандардите за достигнувања беа поставени многу високо, чувствував константен притисок да бидам добра во нешто што едноставно не е во склад со мојата природа. Првите знаци на растројство со исхрана ги забележав кога секое утро пред да одам на училиште морав да повраќам со цел да го намалам стресот дека едноставно нема да бидам толку паметна и добра колку што сите очекуваат од мене. Тогаш не знаев дека тоа е проблем, чувствував стрес, повраќав стресот се намалуваше. Тоа беше најдобриот начин да се справам со проблемот, кој не знаев ни како да го искомуницирам на моите родители.
Кога почнав да одам во средно училиште најдов друга врста на опседнатост, почнав да читам многу за здрава исхрана. Долг период не јадев месо, никаква брза храна, леб, многу врсти на јаглехидрати и се што во мојата глава се сметаше за нездраво. Се чувствував супериорно кога ги гледав моите врсници како јадат помфрит и пица а јас гордо раскажував како веќе 2 години немам пробано и веќе го заборавив вкусот на истото јадење.
Кога стигнав до факултет, опсесијата веќе беше заземала многу сериозен дел од мојот живот. Можев да јадам само неколку врсти на храна се додека не завршив во болница после неколку недели јадење само риба, цвекло и морков. Почнав од откажување од месо а додека да се свестам веќе чувствував грижа и се чувствував нечисто ако во моето тело внесам било какви масти па дури и овошјето го сметав за отровно и мислев дека придонесува до појава на рак. На сето тоа, почнав да вежбам и да трчам опсесивно.
Прв пат, кога забележав дека работите се излезени од контрола и кога почнав да се плашам дека мојата теорија можеби не е во ред, е кога додека трчав со сестра ми таа ме праша зошто трчам како да бегам од нешто, и сфатив дека е во право и всушност бегам од мојата опсесија која веќе не остава место за среќни моменти во мојот живот.
Сеуште не сакав да признаам дека имам проблем и дека сум изгубила огромен период од мојот живот докажувајќи поента која воопшто не е точна. Длабоко во себе знаев дека животниот стил што го имам не е во ред. Вториот допир со реалноста го имав кога колабирав на предавање и мојата професорка која ужасно ја исплашив ми рече : “за да си здрав и да изградиш имунитет во денешно време мораш повремено да внесуваш се, па дури и нездрава храна”. Знаев дека е во право додека моите родители ме носеа на испитувања по не знам кој пат.
Докторите сепак не можеа да го видат проблемот кој буквално ми го пишуваше на чело. Можеби тогаш и терминот орторексија сеуште не беше доволно познат. Орторексијата е растројство во исхраната кое за разлика од анорексијата и булимијата се занимава со квалитетот на храната која ја внесуваме. Не секој кој има диета во која внимава да внесува само здрава храна ја има оваа болест. Но, сега после долга борба од одвикнување можам многу лесно да ја забележам кај било која личност што е на почеток на развивање на истата.
Ако сте склони кон носење на работите до екстремност и опсесивно однесување, работите можат лесно да излезат од контрола. Но, ако почнете да се плашите од храна, да поминувате многу време барајќи си болести на интернет, ако чувствувате грижа на совест откако ќе јадете нешто што не сте сигурни дека спаѓа во категоријата на здрава исхрана, ако попрво би изгладнеле откако да јадете нешто нездраво, или им судите на другите кога јадат брза храна тогаш најверојатно сте изгубиле контрола и за жал страдате од орторексија.
Кога вашата потреба да јадете само здрава храна, почнува да наштетува на вашиот социјален живот, вашата среќа, вашата способност за работа и врз врските со најблиските и партнерот, време е да се запрашате дали сте отишле предалеку. Наречете ме себична, хипокрит или било што, но попрво ќе јадам месо отколку да го изгубам паметот и сериозно да си наштетам на моето ментално здравје.
Одлучувам чувството на мир и среќа да не ми зависи од грижата на совест која ја имам после јадење месо. Додека сте во процес на подобрување и продолжување на вашиот животен век, немојте да заборавите да го живеете вистински животот. Најсреќните моменти отсекогаш се прославувале со храна и пиење. Нема поубаво чувство, посебно на нашите балкански простори, отколку да седнете со семејството или со блиските и да уживате во прекрасно приготвена храна.
Модерниот свет е полн со хемикалии и токсини, што ако не јадете само органска храна не е катастрофа во голем размер. Ако размислувате дека храната има моќ да убива, тогаш треба да се затворите во вашиот дом и никогаш да не излегувате, затоа што храната е многу мал дел од работите што навистина можат да ве убијат.
Имајте баланс во работите, не следете се што ќе си замислите 100% без никаков исклучок и простор за сомневање во вашите верувања. Дајте си простор да уживате и во пица и во хамбургер и се што ве прави среќни. Не можете да бидете перфектни цело време, тоа може само да ве полуди. Не бидете толку строги самите со себе, животот е доволно строг сам по себе.
Константа главоболка, вртоглавица и променливо расположение се само мал број од секојдневните симптоми на оваа болест на денешницата кои можат да ви ја уништат благосостојбата. Пронајдете си продуктивна “опсесија” но истата немојте да ја следите безгрешно секој ден. Оставете си простор за грешки без да се чувствувате како губитници.
Јас го имам пронајдено моето место во светот, знам точно што сакам да правам и го обожавам секој дел од процесот што ме води кон нови успеси. Мојата среќа и самодоверба не зависат од никој туку само од мене. Со моето цврсто верување дека сум на пат да бидам личност која сакам да бидам, повеќе немам простор за нездрави опсесии и самоуништување. Туѓото мислење нема никакво влијание врз благосостојбата на мојот ум. Секој човек има сопствен пат и како што не можам јас да судам никому за изборите исто така нема да дозволам да допре туѓата осуда до мене. Можам безрезервно да помогнам на било кој што е спремен да ја прифати мојата помош.
Пронајдете го своето место во светот и бидете благодарни за благодетите што ви ги нуди животот. Бидете вљубени во секој дел од животот, а храната е голем дел од него. Клучот кон среќата и успехот е да го сакате секој дел од патот што води кон овие работи. Животот е краток да го поминете во борба со самите себеси, опуштете се и живејте повеќе во моментот! Не должите никому објаснување и не треба да се извинувате ако храната ве прави среќни. Верувајте од искуство , луѓето кои од страна ќе ви судат се всушност многу несреќни и несигурни во својот избор.
A. В. | Црнобело