Што може да ви се случи, ако голтнете вода од базен?
Летото се ближи, температурите растат, а со нив и потребата од разладување на базен, езеро или море. Јавните базени се најдостапни, но дали и најсигурни, кога е здравјето во прашање?
Според статистиките на Центарот за контрола и превенција на болести во САД, воочен е зголемен број на поединци кои добиле дијареја, како последица на нечистата вода од базените.
Во однос на 2014-та година, забележано е дека бројот на заболени од криптоспоридиоза (вид на гастроинтестинална болест), тројно се зголемил во 2016-та година. Криптоспоридиозата е цревна инфекција иницирана од паразит, кој може да предизвика тежок пролив со траење и до три недели.
Криптоспоридиозата се добива поради изложување на нечиста вода во базени или аква паркови, пиење на контаминирана вода, како и преку контакт со заразени луѓе или животни.
Покрај течна столица, симптомите на криптоспоридиоза може да вклучуваат и абдоминални грчеви, дехидратација, мачнини и повраќање.
Лекарите им советуваат на родителите да не ги пуштаат децата на јавни капалишта, доколку имаат проблеми со стомакот или дијареја. Воедно, доколку некој преболел криптоспоридиоза, не би требало да оди на базен, две недели по престанувањето на симптомите.
Дури и една голтка контаминирана вода, може да предизвика криптоспоридиоза.
Како да си помогнете?
При проблеми со дијареја, од голема полза ќе ви биде соодветен раствор за рехидратација. Во случај на јака дехидратација и вртоглавици, може да си снабдите готов раствор од аптеките, или, пак, да го направите сами.
Потребни состојки:
- 1 лажичка сол;
- 1 лажичка сода бикарбона;
- 6 лажички шеќер;
- 2 литри чај од камилица и маточина (што дополнително ќе помогне кај грчеви и болки).
Земајте го растворот во текот на денот, малку по малку, во голтки.
М. А. | Црнобело