Зошто благодарните луѓе живеат подолго?
Бидете благодарни, бидејќи благодарните луѓе живеат подолго.
Професорот по психологија на универзитетот во Калифорнија, Џакомо Боно, во својата книга „Making Grateful Kids: The Science of Building character“, благодарноста ја дефинира како способност да ги препознаеме и да ги признаеме позитивните случувања во нашите животи, како и луѓе и места кои што ги вклучуваат нив.
Испитувањата покажале дека благодарните луѓе, генерално имаат подобро ментално и физичко здравје.
Ова, според него, се главните придобивки од ваквата карактеристика:
1. Благодарните луѓе полесно се опоравуваат од болестите
Во истражувањето на доктор Џеф Хафман од болницата во Масачусетс, се докажува дека пациентите кои покажуваат поголем степен на благодарност, побрзо се опоравуваат од последиците на срцев удар, имаат подобар квалитет на живот, и почесто се придржуваат кон пропишаните диети.
2. Имаат понизок крвен притисок
Доктор Рандолф Шипон од универзитетот Темпл, направил истражување во кое пациентите со повисок крвен притисок ги поделил во две групи.
Едните добиле задача да ги набројат сите работи за кои се благодарни, а потоа ја добиле редовната терапија, а другите само ја добиле терапијата.
Кај „благодарните“ е забележано значајно намалување на крвниот притисок, а кај останатите, состојбата останала иста. Од овој експеримент може да се заклучи дека позитивната психолошка пракса ги намалува негативните мисли, кои се честа причина за зголемен крвен притисок.
3. „Благодарните“ подобро спијат
Сите знаеме дека сонот е клучен за доброто здравје: за способноста за паметење и мислење, одржување на телесната тежина, доброто расположение, кардиоваскуларното здравје, имунитетот и сл.
Доктор Роберт А. Емонс, од универзитетот во Калифорнија, спровел истражување во кое се покажала блиската поврзаност помеѓу благодарноста и мирниот сон.
Оние поблагодарните од вкупните испитаници, побрзо заспивале и помалку време останувале будни во креветот, пред да заспијат.
4. Помалку се под стрес
Хроничниот стрес како импликација има анксиозност, несоница, болка во мускулите, висок крвен притисок и ослабен имунитет.
Меѓутоа, вклучувајќи ја благодарноста во својот живот, многу полесно ќе се справите со стресот. Благодарноста ве поврзува со другите, влева надеж и го осигурува оптимизмот. Надежта, оптимизмот и поврзаноста со другите го намалуваат стресот.
5. „Благодарните“ имаат помал ризик од депресија
Во истражувањето кое го споредувало третирањето на депресијата со когнитивно бихевиорална терапија (КБТ) и благодарноста, научниците утврдиле дека благодарноста е речиси еднакво ефикасна како КБТ.
Причина за тоа е што благодарните луѓе се помалку фокусирани на своите проблеми. Повеќе се мотивирани да прават добро, што им овозможува да се чувствуваат корисно. Кога ќе се отворите пред другите, се чувствувате ценето и ги заборавате сопствените проблеми.
6. Благодарните луѓе вежбаат повеќе
Истражувањата на доктор Емонс, покажуваат дека благодарните луѓе вежбаат час и половина повеќе на неделно ниво, во однос на останатите.
М. С. | Црнобело