Зошто нè пецка јазикот кога јадеме ананас?
Ако се прашувате зошто при консумацијата на ананас чувствувате жарење во устата, не сте единствените. Дознајте која е причината и како може да ја спречите оваа појава.
Свежиот ананас е исклучително сладок и сочен, а покрај тоа што се консумира самостојно, често може да го пронајдеме и во овошните салати или торти.
Добрата вест е дека вкусниот ананас е одличен за детоксикација, како и за слабеење. Имено, ананасот делува како природен диуретик, помагајќи го излачувањето на вишокот течности.
Би можеле да го јадеме секој ден, но често, пецкањето на јазикот нè спречува да уживаме во овој овошен деликатес.
Веројатно и вас ананасот ве асоцира на жарење на јазикот, непцата и усните. Некои мислат дека се осетливи или алергични на одредена состојка од ананасот и дека само нив ги пецка во устата.
Сигурно сте забележале и дека ананасот е по малку киселкаст. Но, иако содржи лимонска киселина, таа не е главниот кривец за пецкањето во устата.
Зошто ананасот предизвикува пецкање во устата?
Ананасот е единствената намирница која содржи бромелаин, ензимот што ги разложува хранливите материи. Оттука, чувството на пецкање во устата се јавува бидејќи бромелаинот ги разложува протеините, односно тенкиот површински слој на кожата во усната шуплина.
Улогата на бромелаинoт во организмот е да ги разложува протеините на помали делови, кои телото побрзо може да ги искористи како извор на енергија. Затоа, самиот ананас е одличен за витка линија, а што се однесува до тенката кожа во устата, не треба воопшто да бидете загрижени.
Нашето тело има моќ за брза регенерација, па доколку ензимот од ананасот успее да предизвика пецкање во усната шуплина, тоа чувство ќе исчезне за неколку часа, затоа што кожата во устата ќе се регенерира,
Како да го спречите пецкањето?
Поради добробитта за организмот, не би требало да престанете да консумирате ананас. Бромелаинот е најмногу концентриран во срцевината (или стеблото) на ананасот.
Според тоа, кога ќе го олупите ананасот, обидете се што повнимателно да го исечете тврдиот дел во средината, па чувството на пецкање во устата ќе биде занемарливо.
При термичка обработка на храната, пак, високите температури го побиваат дејството на ензимите, така што отсечениот дел од срцевината, или дури и цели парчиња ананас, може да ги пропржите во грил тава, спречувајќи ја и на тој начин непријатната појава по консумацијата.
М. А. | Црнобело