Што откриваат белката, жолчката и лушпата на јајцето?
Јајцата се вкусен извор на витамин Б, протеини и бројни други хранливи материи. Наспроти полемиките околу нивното влијание на здравјето на срцето, нутриционистите се согласни дека тие се составен дел од здравата исхрана.
Во продолжение, ви откриваме некои помалку познати, а интересни факти за јајцето:
Жолчката позитивно влијае на мозокот
Јајцата се богат извор на холин, витамин од групата Б, што се поврзува со подобрени невролошки функции. Покрај тоа, докажано е и дека ваквиот состав поволно влијае на развојот на мозокот на фетусот, поради што им се препорачува на трудниците секако да ги вклучат јајцата во исхраната.
Совршен извор на протеини
Јајцата се „златен стандард“ кога станува збор за квалитетот на протеините. Toa се должи на фактот што телото може да ги разгради и искористи сите протеини од јајцата, објаснуваат докторите.
Староста на кокошката е важна
Истражувањата покажале дека најквалитетните јајца се оние од кокошките во средно доба, додека сосема младите или постарите кокошки, попрво се користат за месо, отколку за производство на јајца.
Што ни открива бојата на жолчката?
Бојата на жолчката не е директен показател за квалитетот на јајцата, туку за исхраната на кокошката која го снела. Имено, кокошките кои се хранат со житарици и трева полна со каротиноиди несат јајца со пожолтеникава жолчка, но тоа не мора нужно да значи и дека овие јајца имаат поголема хранлива вредност.
А бојата на белката?
Белката може да биде потполно проѕирна или заматена, а според тоа можете да ја одредите староста на јајцето. Белката на свежите јајца е благо заматена, а со стареење на јајцето таа станува побистра.
Што е со кафеавите и белите јајца?
Некои јајца имаат светла, бела лушпа, а другите, пак, потемна, кафеава. Што тоа значи? Всушност, не значи ништо важно. Бојата на лушпата зависи од видот на кокошката која го снела јајцето, а нема никаква врска со квалитетот или староста на јајцето.
Рок на траење
Ако се правилно складирани, односно на ниска температура, свежите јајца може да потраат и до месец дена.
М. А. | Црнобело