Како изгледа животот со вишок кожа после драстично губење на килограмите?
„Кога бев најдебела тежев 120 кг. Во раните 20-ти години во мојот живот со помош на диета ослабев 50 кг. Си замислував дека по губењето на вишокот килограми ќе доживеам сцена како онаа во „Малата сирена“, каде што Ариел ги крева своите нови нозе над нејзината глава и зјапа во нив со среќно неверување. Тоа не беше мојот случај“.
Вака ја започнува приказната Елна Бејкер, споделувајќи ја борбата со вишокот килограми и последиците по нивното губење.
Драстичното слабеење и целосната трансформација на телото предизвикале насмевка на лицето на Елна, но не за долго. Последица од губењето толку многу килограми била вишокот кожа, која се обидела да ја намали со вежбање и скапи лосиони, но напорот бил залуден.
Елна морала да посегне по последното прибежиште – пластична операција за отстранување на вишокот кожа.
„Сликите Пред и Потоа кои ги гледате во случаи на екстремно слабеење се лага. Имав толку многу вишок кожа што можев да ја распостелам околу себе, а нејзината должина изнесуваше околу 150 cm.
Одеднаш, Елна започнува да се бори со друга несигурност – вишокот кожа, наместо вишокот килограми.
Со помош на 4 оперативни зафати, Елна го остранува „појасот“ околу нејзината половина. Но, последиците како лузните и стриите на нејзиното тело остануваат како докази за нејзината борба.
„Како сè уште се борам со ова? Како е можно да сум повторно на почетокот и да воспоставувам врска со своето тело?“ – изјавува Елна.
„Генералната идеја е дека или го сакаш и го прифаќаш своето тело или се обидуваш да го коригираш. Јас не сум во ниту една од тие две групи. Или сум во двете симултано – се обидувам да го засакам своето тело, но навистина е борба“.
Па кој е нејзиниот совет после целата исцрпувачка битка со вишокот килограми, вишокот кожа како последица од слабеењето, намалената самодоверба и лузните на нејзиното тело?
„Престани да го користиш минатото како изговор и со него да си ја труеш сегашноста. Не дозволувај ѝ на личноста која некогаш си била да ти биде пречка за добивање на сите работи во животот кои ти се достапни сега.
Тогаш ми светна. Можам да го гледам моето тело како што сакам. Јас одбрав да го мразам. И го правев тоа, затоа што мразењето на сопственото тело сиве овие години наназад, стана дел од мојот идентитет.
Наместо да сум господар на своето тело, му дозволив на светот да ми кажува која сум јас и како треба да изгледам. Се хранев од таа бесконечна спирала на срам и себемразење, бидејќи ми даваше поттик да тежнеам кон некој идеал.
Не знам за вас, но јас сум толку уморна од тежнеењето кон таа убавина. Тоа ми одзеде добри 10-20% од времето во последниве 20 години од мојот живот. Мојата грижа на таа тема ме ограби од правење многу побитни работи, сакање, искрени работи.
И после толку време, сè уште се борам со мојата болест на себеприфаќање, додека упорно тврдам дека секој треба да се прифати и сака онаков каков што е“... ја завршува својата приказна Елна.
(О)Милена | Црнобело