6 работи кои треба да ги знаете за кремите за сончање
Без разлика дали станува збор за бебе, тинејџер или возрасно лице, сонцето го има истиот ефект врз сите.
Во топлите денови, немилосрдно нè грее со сончевите зраци, а неретко нè остава со црвенило и изгореници кои ни создаваат болка, но се опасни и по нашето здравје.
Сонцето е прекрасно, но истовремено и ризично, а полиците се преплавени со различни производи кои нè оставаат со прашалници – заштитен фактор (SPF) 15 или 50? UVA или UVB?
Минерален или хемиски крем за заштита од сонцето?
Што треба да знаете кога станува збор за кремите за сончање?
1. Која е разликата помеѓу минерален и хемиски крем за сончање?
Сите креми за сончање припаѓаат во една од овие две категории.
Разликата е во тоа што, минералниот крем создава некој вид физичка бариера на површината на кожата и активно ги рефлектира сончевите зраци. Доколку ја погледнете етикетата, ќе забележите цинк оксид или титаниум двооксид во составот.
Водечка компанија во производство на минерални креми изјавила дека користи цинк во производот, бидејќи е единствената состојка која го покрива целиот спектар на штетни сончеви зраци – UVA, зраци кои продираат длабоко во епидермисот, односно најгустиот слој на кожата и се оние кои предизвикуваат предвремено стареење, збрчкување на кожата и дисбаланс на имунитетот и UVB зраците, кои го горат само површинскиот слој на кожата, но играат клучна улога во појава и развој на рак на кожата.
Оние производи за сончање кои имаат титаниум двооксид, неминовно мора да содржат и други состојки за да добијат целосна заштита, бидејќи супстанцата сама по себе, не ја врши работата.
Хемискиот крем за сончање содржи активни состојки како „oxybenzone” или „octinoxate” кои ја апсорбираат енергијата на сончевите зраци во горните слоеви, каде што ја претвораат во топлина, а потоа се дизперзираат, односно се распространуваат низ слоевите на најголемиот човечки орган. Истражувањата покажуваат дека ваквите креми, не само што навлегуваат длабоко во кожата, туку одат уште подлабоко, во крвта. Иако нус-ефектите сè уште не се доволно познати, се верува дека сè што е во внатрешноста на организмот од ваков тип, може да влијае неповолно врз нашето здравје.
Зошто некој би се одлучил за хемиските креми?
Поголемиот дел сепак се одлучуваат за вторите, односно хемиските производи за заштита од сонцето.
Сепак, не залетувајте се доколку прочитате дека хемиските креми за сончање се „органски“. Постои навистина заблуда околу тоа што е органско, односно, во овој случај, органско не подразбира дека е направено од состојки, чиј раст не бил потпомогнат со пестициди. Во хемијата, „органски“ всушност означува дека хемикалијата е изградена од јаглеродни молекули.
Но, доколку наидете на минерален крем со ознака „органско“, пречкртајте го од списокот, затоа што минералните креми не содржат јаглеродни молекули во составот.
Уште еден минус на минералните креми е дека истите не продираат подлабоко во кожата и не се нанесуваат рамномерно. Одредени брендови сепак ја намалија количината на цинк оксид, и употребија други активни поттикнувачи, со цел да ги направат производите физички попривлечни и попрактични за корисниците.
2. Што означува поимот широк спектар?
„Broad spectrum” или широк спектар е ознаката која подразбира дека заштитниот крем штити не само од изгореници и црвенило, кои се резултатат на UVB зраците, туку и од UVA кои предизвикуваат рак на кожата, оштетување и предвремено стареење. Секој производ со декларација „широк спектар” е добредојден во вашата чанта за време на летната сезона.
3. Дали повисок заштитен фактор нуди поголема заштита?
Не е задолжително дека високиот заштитен фактор нуди и поголема заштита. Денес може да најдете многу производи со SPF 200, SPF 75, SPF 90... но, тие бројки не се значајни во крајниот производ.
Што всушност означува заштитниот фактор? SPF 15 означува дека е потребно 15 пати подолго време да се зацрвени вашата кожа, отколку ако не ставите крем за сончање, или просто математички, ако ви се потребни 20 минути да зацрвените, заштитниот фактор 15 ви овозможува 300 минути безгрижна изложеност на сончевите зраци. Сепак, тоа не значи дека се мачкате еднаш и заборавате на себе по неколку часа, потребно е повторно нанесување по одреден временски период.
Препорачливиот заштитен фактор е минимум SPF 30, и иако поголема бројка можеби ќе ви даде поголема заштита во теорија, во пракса сепак, најмногу зависи како и колку го нанесувате кремот. За да бидете сосема сигурни, движете се во границата од 30-50 SPF.
4. Зошто и покрај сè, гориме од сонцето?
„Цел ден бев под чадор“ или „Само се бањав, воопшто не бев на сонце“. Тогаш - како кожата е црвена и изгорена?
Вистината е дека сите луѓе имаат различни типови на кожа. Некои горат полесно, некои потешко, голема улога игра и пигментот и степенот на толеранција на сончеви зраци. На овој или оној начин, сонцето допира до нас, особено додека сме во вода.
Причините за изгореници се многубројни.
Дали нанесувате доволно средство за сончање? Вообичаената препорачана количина е околу едно голф топче за целото тело.
Колку пати нанесувате крем за сончање? Денот на плажа може да трае и по неколку часа, а кога ќе го вклучите факторот потење, бањање и бришење со пешкирот, сфаќате дека заштитата не трае бесконечно и токму затоа треба да се обновува со нов слој, на секои 2 часа.
Го читате ли внимателно упатството? Секогаш проверувајте го рокот на производот и инструкциите за употреба. Предупредувањата како „Протреси пред употреба“, „Нанеси обилно“ не се ставени без причина на производот.
5. Дали смеам да му ставам крем за сончање на моето бебе?
Правилото вели дека е забрането да се употребуваат креми за сончање на бебиња под 6-месечна возраст, но за оние кои се родени во летните месеци, ова сепак звучи малку нереалистично. Но, сепак, не посегнувајте по првиот производ за заштита од сонце кој има сликичка од бебе на етикетата.
Внимателно истражете ги производите пред да се одлучите каков ќе употребите на вашето малечко. Слободно консултирајте се со педијатар или дерматолог, доколку имате некои недоумици околу брендот, количината и времетраењето на изложеност на сонце.
Сепак, малечките се нежни и кревки и не би требало да поминуваат многу време на сонце, посебно во периодот од 12 до 16 часот.
Во секој случај, производите кои содржат цинк оксид во составот се пожелни, бидејќи истата состојка е вклучена и во кремите против осип и црвенило кои ги создаваат пелените.
6. Што е подобро – лосион, млеко или спреј за сончање?
Сè додека се користат правилно, сите три се подеднакво ефектни, соодветно со заштитниот фактор кој го нудат. Некои го преферираат млекото за тело, дечињата ги сакаат спрејовите поради лесното нанесување, но крајната цел е иста – заштита од сонцето и безгрижно уживање во летото. Внимателно читајте ги упатствата, рокот на употреба и не бирајте ги средствата врз основа на амбалажата или мирисот, туку составот.
Пријатно сончање.
(О)Милена | Црнобело