Карциноми на кожа - Причини заради кои се појавуваат, превенција и рано откривање
Карциномите на кожа се приоритетен глобален јавно-здравствен проблем. Инциденцата е се поголема во последните децении како во во развиените, така и во неразвиените земји. Според Светската здравствена организација, 2-3 милиони луѓе годишно заболува од немеланомските форми на карцином на кожа, а 130.000 од најмалигниот меѓу нив, меланомот. Во зависност од географската област, бројот на нови случаи во светот расте меѓу 3 и 7 проценти годишно.
Кожните карциноми претставуваат се поважен јавно-здравствен проблем и во нашата земја, заедно со останатите држави во Југоисточна Европа. Мониторингот на инциденцијата и морталитетот, со податоци од Националниот регистер за рак на Р.Македонија, покажува сигнификантно зголемување на ракот на кожата и во нашата земја. И покрај тоа што претставува единствен карцином кој може да се открие со голо око, односно да се дијагностицира во рана фаза на развој, посебно загрижува фактот што кожните карциноми често се откриваат во напредната фаза на развој, па затоа поттикнувањето на едукација за оваа болест кај општата популација е од исклучително значење.
Светските климатски промени и промените во животниот стил влијаат на се позачестената појава на ракот на кожата. Важно е да се има на ум дека кожата има буквално неизбришлива меморија за изложеноста на ултравиолетово зрачење. Затоа, со текот на годините акумулираните оштетување на клетките повеќе не можат да бидат поправени. Овој процес е одговорен за предвременото стареење на кожата, а латентниот период од 15-40 години може да доведе до малигна трансформација на клетките во кожата.
Постојат евидентни докази дека и двата типа УВ зраци (УВ-А и УВ-Б) предизвикуваат оштетување на кожата. Светската Здравствена Организација (СЗО) и Националниот Институт за здравје во САД ги идентификувале УВ зраци како хуман карциноген. Прекумерната УВ радијација ги оштетува клеточните структури во кожата (ДНК) и продуцира генетски мутации кои водат до појава на карцином.
Карциномите на кожата може да се превенираат.
Превенцијата на кожните карциноми се состои од избегнување на факторите на ризик и редовни самопрегледи на кожата. Епидемиолошките податоци даваат податоци дека малигните тумори на кожата може да се превенираат со соодветна заштитa од УВ радијација кај сите возрасни популации. Сончањето е единствен ризик фактор на кој може да се делува и тоа од најраното детство. Ризикот за развој на рак на кожата се втемелува во текот на детството и адолесценцијата.
Многу е важно да се нагласи дека освен заштитата од УВ-Б зраци кои предизвикуваат видливи изгореници на кожата, неопходна е заштита на кожата и од УВ-А зраци кои предизвикуваат дегенерација на подлабоките слоеви на кожата, фотостареење и рак на кожата.
Препораките за заштита се однесуваат на максимално избегнување на интензивна и долготрајна експозиција на природна и вештачка УВ радијација, престојување во сенка, покривање на откриените делови на телото со заштитна гардероба, шапки и заштитни наочари и аплицирање на заштитни средства во доволна количина со SPF 50 (Sun Protection Factor) и широк спектар на дејство (UVB/UVA).
Користењето на заштитни средства е важно во текот на целата година за време на секојдневните активности на отворено. Овие препораки треба задолжително да се применуваат кај најмладата популација-деца и адолесценти, чија кожа е посебно чувствителна.
За ЕУРОМЕЛАНОМА 2016...
Кампањата Еуромеланома 2016 е насочена кон едукација на населението со информации дека ракот на кожата може да се лекува ако се открие во ран стадиум. Доколку се препознае на време и не се одложува посетата на дерматолог поради работни обврски, страв или други причини, ракот на кожата може да се излечи со хируршка интервенција.
Основните цели на кампањата се:
- освестување на населението за опасностите од прекумерното изложување на сонце и солариуми
- запознавање со правилните начини за заштита на кожата од штетното дејство на ултравиолетовото зрачење од природни и вештачки извори
- информирање за факторите на ризик за настанување на ракот на кожата
- превенција и рано откривање на меланом и други типови на рак на кожа
Tрадиционално и оваа година во нашата земја Здружението на дерматовенеролози на Македонија, а поддржано од ЕМСА - Македонија ќе организира здравствено-превентивна кампања за подигнување на јавната свест во борбата против ракот на кожата под мотото:
Сонцето сјае насекаде, не само на плажа!
Главната активност на кампањата ЕУРОМЕЛАНОМА 2016 се бесплатните прегледи на сомнителните дамки на кожата во дерматолошките институции низ Р.Македонија во периодот од 25-27 мај 2016.
И за крај запомнете:
Каде и да сте, заштитeте се од штетните ултравиолетови зраци!
Ракот на кожата е најчестата форма на рак. Научете како да се спречи и открие на време!!!
За повеќе информации, посетете ја www.euromelanoma.org/macedonia