Фебрилни конвулзии кај деца: Кои се причините, како да ги препознаете и како да реагирате?
Ако сè се прави правилно и во консултација со лекар, фебрилните конвулзии кај повеќето деца не доведуваат до оштетување на мозокот и не оставаат негативни последици по интелектуалниот развој на детето. Што треба да знаете за оваа појава?
Фебрилните конвулзии се едни од најчестите невролошки нарушувања во раното детство и се предизвикани од висока температура. Тие се реакција на незрелиот детски мозок и на ненадејниот скок на телесната температура.
Најчесто се јавуваат кај деца на возраст од 6 месеци до 5 години. Колку е постаро детето во моментот на првата епизода на фебрилни конвулзии, толку е помала веројатноста тие да се повторат.
Главната причина за високата температура којашто доведува до ова нарушување се вирусни респираторни инфекции, бактериски инфекции на органите за варење, уринарни инфекции и акутно воспаление на средното уво. Се смета дека оваа состојба почесто се јавува кај деца кои веќе во своето семејство имале некој со слична реакција во раното детство.
Иако изгледа драматично и крајно застрашувачко за родителите, оваа состојба е минлива и во повеќето случаи не остава сериозни последици.
Како да ги препознаете фебрилните конвулзии?
Фебрилните конвулзии вообичаено се јавуваат ненадејно, кога температурата на телото се качува над 38,5°C. Детето одеднаш го вкочанува погледот, ги превртува очите и ја губи свеста, усните му помодруваат и почнува да се тресе.
Целото тело е згрчено (наизменично стегање и опуштање на мускулите), слично на епилепсија, а оваа драматична слика предизвикува паника кај родителите.
Детето во конвулзии понекогаш ’рчи или тешко дише, а исто така може да дише и со прекини. Паузата во дишењето може да биде толку долга, што родителите дополнително се плашат. Може да се појави и зголемено лачење плунка или неконтролирано мокрење.
Вообичаената поделба на фебрилните конвулзии е на типични и атипични.
Атипичните фебрилни конвулзии (комплексни, комплицирани) се одредуваат според следниве критериуми:
- Појава на конвулзии пред шестиот месец и после петтата година од животот
- Траење подолго од 15 минути
- Добивање конвулзии со малку покачена температура, под 38°C
- Присуство на невролошки и развојни нарушувања кај децата
- Три или повеќе напади во различни фебрилни состојби
- Фамилијарна појава на епилепсија
- Промени на ЕЕГ
Типичните фебрилни конвулзии се краткотрајни, клиничкото закрепнување е брзо и целосно. Тие се одликуваат со следново:
- Се појавуваат на возраст од 6 месеци до 4 години
- Се јавуваат при повисока температура, над 38°C
- Се појавуваат еднаш до двапати во животот
- Нападот трае неколку минути, а најдолго до 20 минути
- По нападот, невролошкиот статус е уреден
- Имаат негативна фамилијарна анамнеза
- По нападот, најчесто ЕЕГ наодот е уреден
Како да реагирате во случај на фебрилни конвулзии кај детето?
Пред сè, иако е тешко, важно е да бидете смирени и да не паничете. Треба да го легнете детето на страна за да спречите голтање на јазикот, вдишување од повраќана содржина или одредена повреда.
Потоа, ставете супозиторија за ублажување на температурата на детето или лек за фебрилни конвулзии (дијазепам), секако, доколку ви е препишан од лекар.
Никако не отворајте му ја насилно устата на детето ниту, пак, му полевајте вода.
Кога нападот ќе помине, однесете го детето на преглед во здравствена установа.
Доколку детето е помало од шест месеци или нападите траат подолго од 5 минути, повикајте итна помош.
Како да се спречат фебрилните конвулзии?
Имајте на ум дека фебрилните конвулзии може да се повторат веќе по неколку часа. Доколку детето претходно имало напад или знаете дека во семејството има историја со грчеви, треба да му дадете антипиретици веднаш штом неговата телесна температура ќе достигне 38°C.
Применете ги сите други општи мерки за да спречите покачување на температурата – давајте доволно течности, истуширајте го со млака вода и проветрете ја просторијата.
Ако сè се прави правилно и во консултација со лекар, фебрилните конвулзии кај повеќето деца не доведуваат до оштетување на мозокот и не оставаат негативни последици по интелектуалниот развој на детето.
За какви било дополнителни прашања, без разлика дали станува збор за превентивно знаење и снабдување со лекови или грижа за детето по фебрилните конвулзии, задолжително консултирајте се со вашиот лекар и ништо не оставајте на случајностa.
М. Ѓ | Црнобело / фото: freepik.com