Jога движења со кои полесно ќе заспиете
Сите знаеме што значи добар сон и колку истиот е важен за нашето здравје. Но, понекогаш „благодарение“ на сите работи кои ни се случиле во текот на денот и на работите кои потсвесно нè измачуваат, нашиот мозок не престанува да работи и многу ни е тешко да заспиеме и телото да го добие толку потребниот одмор.
За ноќите кога сонот никако да дојде, ви нудиме 3 јога движења кои ќе ви помогнат да се опуштите и да потонете во мирен сон.
Потребни ви се само 15 минути, нешто тврдо како поголема книга и неколку перници. Придржувајте се до оваа вечерна рутина и резултатите ќе бидат забележливи за 1-2 недели.
1. Опуштено дијафрагматско дишење
Легнете во удобна положба на грб така што книгата (или друг таков предмет) ќе го поставите на стомакот. Внимавајте на вашето дишење и обидете се вдишувате полнејќи ја дијафрагмата. Ќе знаете дека правилно работите доколку книгата лесно се крева како што вдишувате и се спушта како што издишувате. Преку дијафрагматското дишење ги релаксирате вратот, градите и горниот дел од грбот, а ваквото дишење е многу корисно за намалување на стресот.
2. Положба на пеперутка
Земете ќебе, крпи и перници за да го потпрете телото и главата во удобна положба, поставувајќи ги истите од долниот дел на градниот кош па сè до главата, но водејќи сметка главата да е на повисоко ниво од градите. Свиткајте ги нозете во колената и раширете ги кон двете страни, ставајќи дополнителни перници под секое колено. Опуштете го телото со колковите и карлицата на подот. Дишете нормално. Останете во оваа положба 5-10 минути. Клучната придобивка од оваа положба е да го опуштите телото и да го подготвите нервниот систем за спиење.
3. Нозете исправени на ѕид
За изведување на оваа вежба потребна ви е потпора како што е ѕид. Легнете на грб и полека исправете ги на ѕидот, се додека не добиете прав агол помеѓу нив и торзото. Доколку ви е неудобно можете да ги повлечете малку колковите од ѕидот. Можете да ставите мала перница под вратот доколку ви е неудобно без неа. Лежете во оваа положба 5-10 минути и опуштете го вратот, грбот и колковите. Кога ќе завршите со вежбата свиткајте ги колената и свртете се на едната страна за да се исправите и продолжете право во кревет.
М. С. | Црнобело