Прва помош при убод од крлеж: Не смеете да го мачкате со масло и алкохол, ниту да го палите
Летото е сезона на крлежите, па ако по прошетката или излетот во природа забележите дека сте закачиле крлеж, не паничете.
Важно е да знаете дека крлежите може да бидат преносители на заразни болести, но тоа не значи дека секој крлеж е смртоносно опасен.
Овие мали, но страшни инсекти може и да не ги почувствувате. Во себе содржат секрет кој го користат при убодот, а истиот тој има дејство како анестетик. На крлежот му се потребни неколку часа да пронајде погодно место на кожата и само 10 минути за да пробие низ неа.
Затоа важно е да го прегледате секој дел од телото штом се вратите од природа за да го откриете на време.
Како да се заштитите?
Избегнувајте провлекување низ грмушки и висока трева без долги ракави или ногавици. Ако веќе минувате низ високи треви, задолжително ставете ги ногавиците во чорапи и носете затворени чевли. Најдобро е да носите светла облека за полесно да го воочите крлежот.
Исто така постојат средства кои ги одбиваат овие инсекти, но мора да ги нанесувате повеќе пати на неколку часа. Додека престојувате во природа, препорачливо е да се мачкате на секои 2-3 часа, а претходно задолжително да се проверите. Не ги заборавајте деловите како препоните, пазувите, папокот, делот зад ушите и кај вратот.
5 корисни совети што смеете, а што не смеете да правите
1. Самопреглед
Ако веќе не сте се заштитиле со некое средство, задолжително соблечете ја целата облека и проверете го секој дел од телото пред огледало.
2. Пинцетата помага
Со обичната пинцета можете да го извлечете крлежот кој не е многу длабоко навлезен во кожата. Важно е да користите лесни и смирени движења, за да не го оштетите телото. За да го направите тоа попрецизно, користете и лупа.
3. Лесни движења
Ако веќе се одлучите сами да го извадите крлежот, мора да внимавате да ја извадите и главата. Таа не смее да остане под кожа затоа што на тој начин може да дојде до зараза. Најпаметно е да си помогнете со дезинфицирана игла или да побарате совет од лекар пред да дојде до тоа.
4. Не го гушете
Никогаш не го премачкувајте крлежот со алкохол или масло или пак да го палите затоа што сте слушнале дека така треба. Неговата ненадејна смрт ќе предизвика празнење на телото и така лесно ќе се пренесе заразата, ако веќе ја има во него.
5. Добро информирајте се за симптомите
Крлежот никогаш не смеете да го допирате со голи раце, дури и откако ќе го извадите. Местото задолжително намачкајте го со антисептик. Во следните неколку часа следете ги сите промени на телото и можните симптоми.