Kако да се подготвите за сезоната на пролетни алергии?
Пролетта дојде и со себе донесе сонце и цвеќиња. Има ли поубава глетка од расцветано дрво? За жал, многумина таа глетка не ги асоцира на будење на природата туку ги потсетува дека е време да се снабдат со залиха хартиени марамчиња зошто сезоната на пролетните алергии е веќе зад аголот.
Ако се чувствувате победено од самата помисла на пролетната алергија, расположете се бидејќи следат неколку практични совети како да се подготвите за претстојната битка со Мајката Природа.
Ем практично ем модерно
Купете еден пар големи наочари и задолжително носете ги кога сте излезени, тие ефективно ќе спречат поленот директно да влегува во вашите очи и да ги иритира.
Менувајте ја облеката често и туширајте се
Веднаш штом ќе се вратите дома од некаде, задолжително истуширајте се и облечете чисти алишта. На овој начин ќе се ослободите од несаканиот полен кој се закачил за вас додека сте биле излезени.
Избегнувајте да излегувате надвор во определени периоди од денот
Најголема концентрација на полен има рано наутро и доцна навечер. Ако сте во можност организирајте си го денот така да не мора да бидете надвор кога поленот е најприсутен.
Лекови
Антихистамините се одлични за намалување на симптомите на алергиите, но исто така се и многу непрактични бидејќи можат да предизвикаат поспаност.
Исто така, бидете внимателни со назалните спрејови бидејќи тие може да предизвикаат зависност. Не заборавајте дека единствено лековите препишани од доктор се оние кои треба да ги земате. Ништо не почнувајте на своја рака.
Превоз
Ако одите на работа пешки или пак хоби ви е секојдневното возење велосипед, за жал ќе мора да се помирите дека тие активности ќе бидат ставени на пауза се додека не помине сезоната на полен.