Зошто е важен витаминот Д (особено за деца) и кога треба да земате суплементи?
Витаминот Д се создава во организмот со изложеност на сонце, но некогаш ова не е доволно за да го добиеме оптималното количество. Па, важно е да внесувате храна богата со витамин Д, но и да се консултирате со лекар за суплементи ако забележувате знаци на недостаток.
Под витамин Д се подразбира група од три витамини – Д1, Д2 и Д3.
Телото само го произведува витаминот Д со изложеност на сонце, но некогаш ова може да не биде доволно, особено во зимските месеци кога денот е пократок и кога поминуваме помалку време на отворено.
Па, важно е да се внесува и од други извори, особено за деца во развој.
Која е функцијата на витаминот Д во организмот?
Го поттикнува развојот кај децата
Витаминот Д го регулира апсорбирањето на калциум во организмот.
Што значи, тој е клучен за правилен развој на коските, но и нивната цврстина.
Истовремено, витаминот Д, заедно со калциумот, е важен и за развојот и состојбата на забите.
Го зајакнува имунитетот
Витаминот Д помага во борбата против разни болести и со тоа го зајакнува имунитетот.
Кога го внесуваме доволно, го намалуваме ризикот од мултипла склероза, како и проблеми со срцето.
Некои истражувања покажале и дека доволниот внес на витамин Д може да го зајакне имунитетот против посериозни форми на грип, па и ковид.
Луѓето со ниско ниво на витамин Д се соочени со зголемен ризик од инфекции и автоимуни болести, како дијабетес тип 1.
Може да го регулира расположението и да ги ублажи симптомите на депресија
Најпрво да нагласиме дека витаминот Д не е лек за депресија и доколку се соочувате со оваа болест, треба да се консултирате со лекар.
Истражувањата покажале дека оптималното ниво на витамин Д во организмот може да ги ублажи симптомите на депресија, но и да го намали ризикот од нејзино појавување.
Според експертите, недостатокот од витамин Д може да се поврзе со анксиозност, што значи витаминот може да помогне и во регулирањето на расположението.
Колку витамин Д треба да се внесува?
Меѓу експертите постои дебата за тоа колку витамин Д ни е потребно и поновите истражувања покажуваат дека оптималната доза можеби е повисока од онаа што се препорачувала претходно.
Генерално, препорачаната дневна доза според возраста изнесува:
- Бебиња до 12-месечна возраст – 10 микрограми
- Деца и тинејџери – до 15 микрограми
- Возрасни од 18 до 70 години – до 15 микрограми
- Лица над 70 години – 20 микрограми
- Бремени жени и доилки – 15 микрограми
Сепак, најдобро е да се консултирате со лекар кој ќе може да утврди дали имате потреба од суплементи.
Исто така, задолжително консултирајте се со лекар ако сте бремени или доите, или ако станува збор за вашето дете.
Кои се најдобрите извори на витамин Д?
Покрај изложувањето на сонце и суплементите, постои и храна богата со витамин Д.
Овде спаѓаат намирници како:
- Лосос
- Сардина
- Конзервирана туна
- Жолчки од јајца
- Храна збогатена со витамин Д како млеко и житарици
Кои се знаците за недостаток од витамин Д и постои ли опасност од предозирање?
Доколку ви недостасува витамин Д, може да почувствувате симптоми како:
- Замор
- Болка
- Слабост во мускулите
Постои можност и да се предозирате со витамин Д.
Во овој случај може да се зголеми нивото на калциум во крвта и да се јават проблеми како:
- Често уринирање
- Апатија
- Повраќање
- Болка во стомакот
- Дехидратација
- Зголемено чувство на жед
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





