Дали е безбедно, дали боли – Што треба да знаете за отстранувањето на бенките?
Повеќето бенки се безопасни, но некои луѓе сепак сакат да ги отстранат од естетски причини. Дали ова отстранување е болно, постојат ли ризици и дали е безбедно сами да пробувате да ги отстраните бенките со трикови и совети од интернет?
Бенките се мали израстоци на кожата што ги имаат сите луѓе.
Повеќето луѓе имаат од 10 до 40 бенки на телото кои обично почнуваат да се јавуваат во детството и тинејџерските години.
Со текот на времето, некои бенки избледуваат и може малку да им се промени изгледот.
Генерално, бенките се безопасни, но некои луѓе сакаат да ги отстранат од естетски причини.
Па, што треба да знаете за отстранувањето на бенките?
Што претставува отстранувањето на бенките?
Како што кажува самото име, ова е процедура со која се отстрануваат бенките од телото.
Процедурата ја извршува дерматолог.
Најчесто луѓето ги отстрануваат бенките од лицето, вратот, рацете и нозете.
Кои бенки е препорачливо да се отстранат?
Доколку имате бенка која ви изгледа сомнително - има чудна форма, се зголемува, се затемнува и слично - препорачливо е да одите на лекар.
Дерматологот ќе направи тест со кој ќе утврди дали бенката претставува ризик за појава на рак на кожата.
Но, можат да се отстрануваат и бенките кои не се ризични, а ова се прави од естетски причини.
Ако сакате да отстраните бенка, најпрво ќе треба да се консултирате со дерматолог.
Како изгледа отстранувањето на бенките?
Пред да ви биде отстранета бенката, дерматологот ќе ја испита вашата кожа.
Може и да ви ја фотографира бенката за полесно да воочи дали со текот на времето ќе настанат промени.
За отстранувањето ќе добиете анестетик кој ќе ја намали болката. Сепак, можно е да чувствувате мала болка откако ќе помине дејството на анестетикот, како и во наредните неколку дена.
Постојат неколку начини на отстранување бенки, во зависност од нивниот вид.
Еден од почестите начини е хируршко отстранување. Односно, дерматологот ќе ја исече бенката, заедно со дел од кожата од околу за да се отстранат сите клетки.
Постои и друга техника за бенки кои не продираат длабоко под кожата. Во овој случај, се отстранува само бенката, без делови од кожата.
Со овој начин на отстранување, постои можност бенката повторно да се врати.