Зошто никако не треба да го користите Оземпик за слабеење - лекот за дијабетес што е хит кај холивудските ѕвезди?
Зошто никако не смеете да го користите Оземпик за слабеење?
Најпрво, Оземпик не е одобрен за слабеење. Покрај тоа, ако почнете да пиете какви било лекови за слабеење, вашиот организам може да се навикне на нив и да предизвикате низа проблеми со здравјето.
Според соопштението на МАЛМЕД, лекот предизвикува и низа несакани ефекти:
„Агенцијата за лекови и медицински средства сака да апелира дека лекот Оземпик е регистриран исклучиво за третман на возрасни пациенти со дијабетес тип 2, кој се издава само на лекарски рецепт…
Како и за секој друг лек, и за лекот Оземпик постојат контраиндикации, односно состојби во кои лекот не смее да се применува, а евидентирани се и несакани реакции…“
Од МАЛМЕД апелираат и дека на пазарот во Македонија се продава и фалсификат на лекот од кој не можете да знаете со какви последици ќе се соочите.
И на официјалниот веб-сајт на лекот е истакнато дека Оземпик не е лек за слабеење.
Кои се несаканите ефекти од лекот?
Доколку сето ова не е доволно да ве одврати од намерата да го пробате лекот, тогаш треба да се запознаете со несаканите ефекти.
На официјалниот веб-сајт, како и во соопштението на МАЛМЕД, се наведени следниве несакани ефекти:
- гадење
- болка во стомакот
- констипација
- дијареја
- повраќање
- нарушување на метаболизмот
Во некои случаи, лекот може да предизвика и хипогликемија, односно многу ниско ниво на шеќер во крвта.
Оваа појава е проследена со симптоми како:
- студена пот
- бледа кожа
- главоболка
- гадење
- забрзано чукање на срцето
- анксиозност
- тресење
Исто така, некои луѓе се алергични на активната состојба семаглутид, а тоа може да им создаде дополнителни проблеми.
Што значи, освен ако немате дијабетес тип 2 и вашиот лекар не ви го препишал лекот, не ризикувајте да го користите за слабеење.
Спирова С. | Црнобело