Кои се здравствените придобивки од спирулина и дали може да ја користи секој?
Спирулината е алга богата со железо, калциум, магнезиум и витамини и може да биде одличен додаток во исхраната. Но, пред да почнете да ја користите, важно е да знаете некои работи, особено ако сте бремени или имате некакви (хронични) проблеми со здравјето.
Со години, во светот и кај нас спирулината се рекламира како суперхрана со бројни здравствени придобивки.
Спирулината е богата со витамини, но и протеини, па ова ја прави одличен додаток во исхраната, особено за луѓе кои се вегетаријанци или вегани.
Нешто повеќе за оваа суперхрана и дали треба да ја вметнете во исхраната:
Што е спирулина?
Спирулината е алга и, според WebMD, се верува дека е една од најстарите животни форми на Земјата.
Познато е дека алгата ја користеле Ацтеките како лек за разни болести, додека модерните истражувања покажуваат дека има потенцијал да се бори против одредени заболувања.
Спирулината се продава во форма на капсули и апчиња. Достапна е и во форма на прашок кој, поради горчливиот вкус, многумина преферираат да го додаваат во сокови, смутија, овесни каши и слично.
Кои хранливи состојки ги има спирулината?
Една лажица спирулина во прав содржи:
- Протеини – 4.02g
- Калциум – 8,4mg
- Железо – 2mg
- Магнезиум – 13,6mg
- Фосфор – 8,26mg
- Калиум – 95,2mg
- Натриум – 73,5mg
- Бакар – 0,427mg
- Витамин Ц – 0,707mg
- Витамин Б6 – 0,025mg
Спирулината содржи и тиамин, нијацин, фолна киселина, како и мали количества витамини А и К.
Истовремено, има и неколку видови антиоксиданти.
Кои се здравствените придобивки од спирулината?
Бројни истражувања ги поддржуваат тврдењата дека спирулината има позитивно влијание врз здравјето, иако за некои придобивки се потребни дополнителни студии.
Потенцијални здравствени придобивки од коснумирањето спирулина:
Го подобрува здравјето на очите. Спирулината содржи бета каротен кој телото го претвора во витамин А. Овој витамин е клучен за здравјето на очите.
Добра е за оралното здравје. Неколку истражувања покажале дека спирулината ги спречува заболувањата на непцата и другите проблеми со оралното здравје.
Помага во слабеење. Анализа на неколку истражувања покажала дека спирулината најверојатно го поттикнува слабеењето. Но, потребни се дополнителни истражувања за ова.
Добра е за дигестивниот систем. Истражување спроведено на стаорци покажало дека спирулината може да го подобри здравјето на дигестивниот систем и да го намали ризикот од проблеми поврзани со староста. Сепак, и во овој случај се потребни дополнителни истражувања.