Познати дами кои ги прославија нивните „мани“ – сега им се заштитен знак
Тие ги прифатија „несовршеностите“ на сопственото тело, па дури и ги засакаа, не срамејќи се да ги истакнат во преден план. Денеска ги доживуваме како посебни и единствени токму поради нив.
Кога е убавината во прашање, жените се неретко прекритички настроени кон себеси. Постојат нереални идеали, коишто им ја нарушуваат самодовербата. А, овие славни убавици се пример зошто не треба да биде така.
Без ни малку претерување, секоја од нив е дефиниција за единствена убавина. Зошто? Бидејќи со обете раце ја прегрнаа сопствената различност (читај: „мани“), претворајќи ја во свој заштитен знак.
Прекрасни, храбри и инспиративни, тие ги мотивираат и другите припаднички на понежниот пол да бидат горди поради тоа што се. Од ден во ден, докажуваат како и недостатоците може да станат доблести, доколку не се срамите од нив.
Познати дами кои ги прославија нивните „мани“ се:
Тилда Свинтон (57)
Американско-британската глумица е добитничка на престижната награда Оскар.
Тилда Свинтон е и една од првите дами што ни паѓа на ум, кога и да говориме за жени кои одбиваат да бидат категоризирани. Препознатлива е по андрогената убавина и авангардниот имиџ.
Свесна е дека не постои апсолутно никој што наликува на неа, па го прифатила и засакала својот изглед. И, неверојатна е токму поради единственоста.
Џенифер Лопез (48)
Латино дивата е пејачка, глумица, танчарка, модна дизајнерка и музички продуцент. Сепак, она по што за многумина е препознатлива е нејзиниот задник.
Денес живееме во ерата на Ким Кардашијан, кога заоблените и крупни позадини се и повеќе од „пожелни“. Меѓутоа, Џеј Ло е една од жените кои се најзаслужни за тaквиот тренд.
Пред две децении, Лопез беше меѓу ретките дами што се гордееше со својата фигура во облик на песочен часовник. Дури и изгради кариера на сметка на задникот.
Северина (46)
По речиси триесет години на сцената, популарната хрватска пејачка сѐ уште ја прашуваат зошто никогаш не го отстранила крупниот младеж на лицето.
А, зошто и би го направила тоа? Денес младежот е препознатлив знак за убавината на Северина. Ја прави единствена, посебна и различна од сите други музички ѕвезди.
Има ли некој право да ѝ каже дека треба да го тргне?
Серена Вилијамс (36)
По стотици трофеи, медали, признанија и победи на спортскиот терен, тенисерката Серена Вилијамс мора и понатаму да се правда за сопствениот изглед.
Пречесто ја нарекуваат со погрдни имиња, поради тоа што има „мажествено“ и „набилдано“ тело. Но, таа им покажа на сите што навистина значи да се сакаш себеси.
Во повеќе наврати, Серена со гордост говореше за својата фигура. Откри и колку всушност ѝ е драг секој мускул од телото, бидејќи е заслужен за нејзините успеси. Впрочем, убавината е во окото на набљудувачот, зар не?