Гел, пена, пилинг: Која е разликата меѓу продуктите за чистење лице (и кој е најдобар за вас)?
Додека пената за чистење лице е добра за мрсна и комбинирана кожа, не е препорачлива за сува кожа бидејќи може дополнително да ја исуши.
Денес постојат безброј продукти за чистење лице и секој од нив има различен ефект на кожата.
Мицеларна вода, гел, пена, пилинг – со толку огромен избор, може да биде и тешко да најдете што е соодветно за вас.
Важно е да се напомни дека доволно ви е само еден, најмногу два продукти за чистење на лицето, бидејќи и претераното чистење не е добро, односно може да ви создадете проблеми со кожата.
Најдобро е и секојпат внимателно да ги прочитате составот и придобивките од продуктот, бидејќи некогаш се збогатени и со други состојки со разни ефекти.
Какви продукти за чистење лице постојат и кој е најдобар за вашиот тип кожа?
Гел за чистење лице
Геловите за чистење лице имаат погуста текстура и обично не прават пена.
Претставуваат понежни продукти за чистење бидејќи не ги отстрануваат природните масла од кожата.
Поради ова, најдобри се за чувствителна кожа склона кон акни.
Пена за чистење лице
Пената го чисти лицето потемелно и е добра за отстранување шминка, но и други продукти, како крем со фактор.
Погодна е за мрсна и комбинирана кожа.
Сепак, бидејќи некогаш може да ја исуши кожата, не е препорачливо да се користи секојдневно.
Односно, користете пена само кога сакате да отстраните шминка или некој друг продукт од лицето.
Масло за чистење лице
И маслата за чистење лице се користат со вода, како гел или пена.
Темелно го чистат лицето од шминка, нечистотии и други продукти, без притоа да ја исушат кожата.
Поради ова, идеални се за сува и почувствителна кожа.
Маслото може да се користи за таканаречено двојно чистење на кожата – прво се употребува маслото, а потоа нежен продукт, како гел.
Сепак, двојното чистење не е препорачливо ако имате сува кожа и подобро е да употребите само од маслото.
Мицеларна вода
За разлика од другите продукти, мицеларната вода не се плакне и се користи со памучен тупфер.
Можете да ја користите ако имате на нанесено минимална шминка, но важно е да знаете дека обично не отстранува водоотпорни продукти.
Мицеларната вода е понежна од другите продукти, па е добра ако на лицето немате многу нечистотии или други продукти.
Поради составот и ефектот, погодна е за сите типови кожа.
Балсам за чистење лице
Балсамите имаат погуста текстура и се идеални за отстранување шминка и темелно чистење на лицето.
Не ја сушат кожата како пената, па ова ги прави погодни за сува, но и зрела кожа.
Ако имате помрсна или комбинирана кожа, балсамот може да ви биде прв чекор во двојно чистење – по него употребете некое понежно средство, како гел или мицеларна вода.
Пилинг за лице
Дерматолозите не препорачуваат да се користат пилинзи со гранули за лицето бидејќи се премногу груби.
Но, денес постојат и таканаречени хемиски пилинзи со AHA и BHA киселини кои ги отстрануваат мртвите кожни клетки.
Овие пилинзи се добри за чувствителна и кожа склона кон акни, но не треба да се користат повеќе од 2-3 пати неделно бидејќи може да предизвикаат иритација.
Кога го миете лицето со пилинг со AHA и BHA киселини, прескокнете ги продуктите со ретинол и витамин Ц бидејќи можат да ја исушат кожата и да создадат иритација.
Доволно е да ставите само нежен хидратантен крем.
Медицински продукти за чистење лице
Овие продукти се посилни и се наменети за проблематична кожа која е многу склона кон акни.
Не треба да ги користите на своја рака, туку само ако ви ги препише дерматолог.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





