7 грешки со кои си ги уништувате стапалата (и сакате да ги скриете во лето)
Носите многу ниски, рамни чевли кои не ви ја даваат потребната поддршка и сами правите силни хемиски пилинзи, наместо да одите во салон.
Летото е периодот кога обрнуваме повеќе внимание на негата на стапалата, но токму поради тоа посклони сме кон правење грешки.
А, овие грешки не влијаат само врз изгледот на стапалата, туку можат да бидат причина за болка и проблеми како враснати нокти.
Седум грешки кои треба да ги избегнувате:
Одите на козметичар за израстоци на стапалата
Малите израстоци на стапалата, како калуси, се честа појава и обично се појавуваат поради тесни и неудобни чевли.
Но, не е препорачливо да одите на козметичар за да се ослободите од нив.
Во аптека можете да најдете фластери, кремови и слично за нивно третирање, а доколку не поминуваат од тоа, одете на дерматолог.
Ако само ги истружете кај козметичар, можете да си ја влошите состојбата.
Правите хемиски пилинзи дома
Денес се продаваат силни хемиски пилинзи за стапала кои можете да ги направите и дома.
Но, сепак не е препорачливо да го правите ова.
Овие пилинзи се многу абразивни и ако имате малку почувствителна кожа, можете да си предизвикате иритација.
Најдобро е да одите во салон, а ако сакате да правите хемиски пилинг во домашни услови, консултирајте се со козметичар кој ќе ви препорача проверени брендови.
Не обрнувате внимание на чорапите
Навистина е важен материјалот од којшто се изработени чорапите, особено во лето, кога стапалото се поти повеќе.
Избегнувајте чорапи од синтетички материјали бидејќи тие ја задржуваат влагата и можат да го поттикнат развојот на бактерии и габи.
Ова, пак, не само што ќе предизвика непријатен мирис, туку може да ви се појави и габична инфекција.
Најбезбедно и најевтино е да купувате чорапи од памук.
Исто така, избегнувајте многу тесни чорапи кои ја спречуваат циркулацијата на крвта.
Не ги заштитувате стапалата од сонце
И кожата на стапалата е подложна на изгореници, можеби дури и повеќе од рацете и нозете.
Ако носите сандали или влечки, задолжително нанесувајте крем со фактор и на стапалата.
Носите неудобни чевли
Балетанките, сандалите и влечките со многу тенок ѓон можеби навистина делуваат удобно – со нив се чувствувате како да сте скоро боси.
Но, овие модели не се добар избор за секој ден, особено ако знаете дека ќе ги носите подолг период.
Многу ниските чевли не ја даваат потребната поддршка на телото и ако ги носите долг период, ќе почнете да чувствувате болка во стапалата.
Секако, носете ги омилените летни чевли, но не секој ден и не многу долго, туку комбинирајте со поудобни модели, како патики.
Не користите хидратантен крем
Стапалата се многу посклони кон сушење и пукање во лето, најмногу бидејќи се изложени на надворешно влијание.
Важно е редовно да нанесувате хидратантен крем за стапала, не само кога правите пилинг и педикир.
Погрешно ги сечете ноктите
Додека можете да експериментирате со ноктите на рацете, препорачливо е ноктите на стапалата да ги сечете рамно.
Во спротивно, се зголемува ризикот од враснат нокт, што може да биде особено болно.
Исто така, немојте премногу да ги кратите ноктите.
Спирова С. | Црнобело