Топ 10 невестински трендови за 2018-та
Невестинската модна недела заврши и јасно ги најави трендовите во венчалните фустани за есен 2018-та.
Секако, никогаш нема да погрешите и со трендовите од претходни години, но доколку сакате да бидете модерна невеста, сега ќе имате можност да ја имате совршената венчаница.
Од бајковити детали со кои ќе изгледате како принцеза – до откачени моторџиски јакни и мини фустани, па дури и панталони.
Ова се невестинските трендови за 2018-та:
Наметки како на принцеза
Дизајнерите го почитуваат бајковитиот изглед на невестите, па во 2018-та можете да го прескокнете велот и да ја украсите венчаницата со прекрасна наметка – долга, средна или кратка, изборот е ваш.
Невестински јакни
Доколку не сте голем љубител на гламурозен изглед како принцеза и сакате нешто поопуштено, нема да погрешите со кул невестинска „моторџиска“ или пак, поелегантна јакна која ќе му додаде посебен акцент на вашиот изглед.
Одвоени ракави
Овој тренд може да се смета како некое ново ниво на венчаниците без ракави. Дизајнерите сè уште сакаат да ги покажат голите рамена на невестите, но сепак има и ракави кои може да се извадат или не, а материјалот може да биде каков било во зависност од венчаницата.
Миди венчаници
Најновиот тренд во невестинскиот изглед се миди венчаниците кои ќе ве вратат во ’50-ите години и се одлични за невести кои сакаат да бидат модерни, но сепак со класичен и традиционален изглед.
Нијанси на розе и боја на кожа
Овој тренд зема голем замав кога станува збор за венчаниците. Од розе и праска нијанси до нежни нијанси со боја на кожа, овие романтични венчаници ќе ве освојат на прв поглед.
Мини венчаници
Во трендовите за следната година, дизајнерите покрај долгите и миди венчаници, вклучиле и мини венчаници, па дури и шорцеви и кратки комбинезони – за секоја храбра невеста која сака да ги истакне нозете.
Невестински панталони
Во 2018-та на невестите им е дозволено сѐ и трендовите ги опфаќаат невестите со секаков вкус, па дури и оние кои сакаат да носат панталони наместо фустан. Сигурно многу девојки ќе го обожаваат овој тренд со кој ќе бидат уникатни.
Панталони со топ, одело или пак, комбинезон – изборот е ваш.
Машни на рамената
Машните не се нов невестински тренд кога станува збор за детали на венчаницата, но овојпат тие се најистакнати на рамената како додаток или во улога на прерамки.
Едноставни, елегантни и модерни венчаници
Понекогаш едноставното е најдобриот избор. Без многу детали, украси и дезени. Чист и квалитетен материјал во кој секоја невеста ќе блесне со елеганција.
„Надувани“ ракави
Овој тренд ќе ги врати невестите во ’80-ите со акцентот кој е најмногу даден на волуменозните ракави, а ќе го одобрат само оние храбри модерни девојки кои сакаат да имаат необичен и уникатен изглед.
М. М. | Црнобело