5 грешки кои не смее да ги направите на туѓа свадба
Ги знаете ли основните правила на свадбениот бонтон? Доколку вашиот одговор е негативен, тогаш вистинско време е да ги научите, бидејќи сезоната на венчавки е во полн ек.
Во продолжение, ви откриваме кои се петте работи, кои ниту еден гостин, никогаш не смее да ги направи на нечија венчавка:
1. Да им се јавувате на младенците на денот на венчавката
Младенците сигурно веќе ви дале прецизни упатства околу тоа кога и каде се одржува венчавката, известувајќи ве за сите важни детали.
Ваша обврска е да потврдите сѐ, пред да дојде нивниот голем ден. А, ако сепак имате некакви дилеми, јавете се на било кого, освен на младоженецот и невестата, како би ја добиле информацијата што ви треба.
2. Да им се жалите на младенците
Ве сместиле на иста маса со луѓе што воопшто не ги познавате, храната и не ви легнала баш надобро на желудникот, а нема ниту тоалетна хартија во ВЦ-то од ресторанот?
Во ред е, смеете да имате приговори, но тој ден задржете ги за себе и не ги замарајте младенците со нив.
3. Да отсуствувате без најава
Секако, понекогаш во животот се случуваат ситуации што се непредвидливи, а поради кои сте принудени сѐ да откажете.
Меѓутоа, доколку неколку седмици пред венчавката, знаете дека од било која причина нема да бидете во можност да присуствувате, тогаш задолжително јавете им се на младенците по тој повод.
Не го чекајте последниот ден и последниот миг за да ги известите за своето отсуство.
4. Да носите бело
Едно од најстарите правила на свадбениот бонтон, вели дека гости(нки)те не смеат да бидат облечени во бело, за да не ја засенат невестата.
Придржувајте се до тоа правило. Се разбира, секогаш постојат и исклучоци.
На некои невести не им е важно дали присутните ќе носат бела облека, особено ако и тие самите немаат фустан во истата боја, или, пак, сакаат „дрес код“ за венчавката да биде белата боја.
Во тој случај, сигурно ќе ви напоменат дека слободно може да ја носите.
5. Да објавите дека сте запросени или бремени
Главни ѕвезди на венчавката, сепак мора да бидат младенците, бидејќи тоа е денот кога се слави нивната љубов.
Своите убави вести задржете ги за себе, а споделете ги со сите - некој друг ден.
М. А. | Црнобело